Дали вчера вечер го гледавте првото издание на долго најавуваното гламурозно музичко тв шоу “Танц со ѕвездите”? Ако тоа е така, сигурно веќе забележавте дека за прв пат во Македонија и на Македонската телевизија, се емитува шоу кое е наше, а сепак е светско. Продуцентот на Би-Би-Си Kриспин Kловер, од каде е и купена лиценцата за ова тв шоу, а воедно е и задолжен за интернационалниот формат на оваа британска национална тв куќа и за успешната реализација на забавните тв проекти, е задоволен од македонскиот формат на шоуто “Танц со ѕвездите”.
Познатиот продуцент од Би-Би-Си кој стои зад светските проекти: “Танц со ѕвездите”, “Млади доктори”, “Епска победа”, “Сега е вечерта”… пред неколку дена дојде во Македонија за да провери и види како Македонската телевизија и продукцијата “Дрим Фектори” се подготвуваат и реализираат новото популарно светско тв шоу, кое кај нас започна да се емитува од вчера.
“Имав можност да ја видам првата епизода од македонската верзија на “Танц со ѕвездите” и морам да признаам дека сум задоволен со тоа што го има продуцирано тимот. Овој проект во Британија се емитува веќе 10-та сезона, и секоја година целиме кон збогатување на програмата и со тоа да ја направиме поголема и подобра од претходната”, изјави продуцентот Kловер.
“Танц со ѕвездите” е технички тежок формат за продуцирање”, додаде тој. Овој голем музички тв проект е голем испит како за македонската продукција, така и за наредните проекти кои Македонската телевизија ќе ги реализира во наредниот период. Би-Би-Си кои деценија наназад работи на ова тв шоу вложувајќи во овој дел од програмата, тие кон крајот на минатата година лансираа и нова он лајн игра која им овозможува на обожавателите да го дизајнираат својот танчер или танчерка, да одберат партнер по изборт и да учествуваат во виртуелен натпревар.
“Би-Би-Си вложува многу време и пари во ваков тип продукции, обезбедувајќи програма што во самата суштина се издигнува над сите други, и со тоа поставувајќи и подигајќи ги границите и техничките побарувања за другите земји што сакаат да го продуцираат овој формат”, заклучува на крајот познатиот продуцент Kриспин Kловерт. Македонската радио телевизија оваа година ги откупи правата и лиценцата од Би-Би-Си за реализација на овој проект и заедно со продукцијата “Дрим Фактори” ја снима домашната верзија на “Танц со ѕвездите”.
Во улогата на водители-домаќини во шоуто се појавуваат познатиот актер Тони Михајловски и водителката Симона Николовска. Вкупно учесници кои што се појавуваат во овој музички проект се 10 двојки од професионални танчери и познати македонски јавни лица. Сите тие се натпреваруваат во пет различни категории во стандарни и латино танци. Според идеја на ова тв шоу, во секоја емисија ќе отпаѓа по еден пар, а тој пар што ќе остане всушност е и победник за таа емисија и оди понатаму. Тој пар што ќе успее да победи и да остане, се разбира ќе биде победник и ќе ја затвори првата сезона на ова тв шоу, кон крајот на месец мај.
Подготви: Марија Поповска
