Културо

Македонска филхармонија: “7 градови – 7 концерти во Кина”

Под диригентската палка на Јерухам Шаровски од Израел, оркестарот се претстави со популарна програма на која покрај концертот број 1 за пијано и оркестар од П.И.Чајковски со солистот Хају Жанг од Кина, свое место најдоа и дела од Гершвин, Бизе, Глинка и Штраус. Како солисти настапија и кларинетистите Александер и Даниел Гурфинкел, познати како Дуо Гурфинкел кои пред турнејата беа гости на Гала новогодишниот концерт на МФ во Скопје.

Турнејата “7 градови – 7 концерти во Кина” доаѓа на покана на големата кинеска корпорација Полигруп, која во своја сопственост има 60 мултифункционални изведувачки центри и концертни сали низ целата држава. Една од најзначајните мисии на оваа корпорација е да создава “убавина на животот” токму преку уметностите и преку високо-квалитетни изведби на домашни и странски уметници.

“Оркестарот настапи во нови, високо квалитететни концертни сали во градовите Хохот, Таијуан, Тангшан, Женгжу, Хенгшуи, Хефеи и Донггуан претставувајќи ја Македонија на највисоко ниво и добивајќи срдечни аплаузи од бројната публика. Поминувајќи преку 10.000 км од внатрешна Монголија па се до југот на Кина, македонските филхармоничари ја одушевија присутната публика и организаторите со својот позитивен дух, со радоста со која ја изведуваат музиката, а секако не останаа незабележани и харизмата на диригентот Шаровски и виртуозните изведби на солистите кои на секој концерт беа враќани на бис”, рече директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески.

Концертната турнеја на Македонската филхармонија беше проследена во кинеските медиуми како и во најголемиот печатен медиум на кинески јазик во Европа- Europe Times. На пресот присуствуваа и концерт-мајсторот, виолинистот Владимир Костов, како и продуцентот Роза Нолчева.

“Се уште сме под импресии, ова беше најголемата турнеја до сега за нас. Од првиот до последниот концерт сите беа успешни. За нас концертите во Кина претставуваа одлично искуство од секаков аспект, од кондициски, до професионален, уметнички. Отидовме во земја каде се негуваат различни културни традиции, во градови каде што нема музички оркестри и училишта, но каде што има публика која сака да слуша европска музика. Кинеската публика најмногу реагираше на “Радецки марш” и “На убавиот син Дунав”, сакаше да има интерактивен однос со музичарите, да разговара со нас, да се фотографира… Среќни сме што ова беше само почеток на еден голем раст на Македонската филхармонија”, рече Костов.

Роза Нолчева додаде дека од организациски аспект, турнејата во Кина значеше голем потфат за нашата институција, и дека подготвеноста на музичарите беше на високо ниво, да ги издржат долгите патувања од град во град, со огромни температурни разлики, да ги издржат концертите без паузи.

“Се претставивме во одлично светло не само од уметнички, туку и од организациски аспект”, рече Нолчева. Македонската филхармонија со нескриено задоволство, гордост и радост, со многу публика и прекрасни, единствени и уникатни музички настани ја заврши концертната сезона 2017/2018. Уште од самиот старт, на свеченото отворање на сезоната, на концертот под наслов “Ново утро”, кога настапи лауреатот на престижниот “Чајковски”, францускиот пијанист Лука Дебарг, еден од најбараните пијанисти на класичната музичка сцена, концертната сала беше преполна, и тоа ни даде мотив за уште подобри музички случувања.

Првиот концерт во новата година е “Слободен и среќен” со извонредната трубачка од Франција, Лусјен Ренодин-Вари и Петер Ференец од Словачка како диригент. Веднаш потоа следува грандиозниот концерт “Бесмртност” на кој ќе бидат изведени дела од Бетовен со нашите Нина Костова-Јаневска на пијано и Сашо Татарчевски како диригент и хорот „Драган Шуплевски“ од ФМУ.
На 7 февруари е мошне интересниот концерт “Ангелите и градот” со Конрад ван Алфен од Холандија и солистката Луси Хорш од Холандија на барокна флејта, кога премиерно ќе биде изведена Симфонијата бр. 4 “Лос Анџелес” од еден од најдобрите современи композитори Арво Перт.
Потоа доаѓаат двајца врвни руски пијанисти – Андреј Гугнин и Борис Березовски, кој пак во иста вечер ќе свири два концерти за пијано од Прокофјев и Шостакович.

Во концертната сезона што измина, од септември 2018 до јануари 2019, во период од само пет месеци, Македонската филхармонија оствари четири значајни гостувања и турнеи надвор од земјава, кои несомнено ќе влезат во историјата на оваа институција, но и во аналите на македонската музичка култура воопшто.

Можеби ќе ве интересира: