Музика на кирилица

“Зад аголот” со голем концерт на 12-ти април

Хип-хоп екипата “Зад аголот” вчера го промовира новиот видеозапис за песната “Јас и ти” на интернет и го најави својот прв самостоен концерт, кој треба да се одржи на 12 април, во Младинскиот културен центар во Скопје. Нумерата, како и спотот, имаат цел да ја подигнат свеста кај луѓето за работите што нe опкружуваат. “Јас и ти” е инспирирана од “Еко-песна” на шеговитиот бенд “Дуо трио”, но со примеси на блуз благодарение на гитаристот Игор Станоевски-Игимен и Нина Јанева. Видеото е во режија на Бранко Блажевски.

“Може да се направи песна и да се сними спот, но што ќе носи песната и како ќе се изразиш преку видеото е сосема друга приказна. Ние како екипа функционираме на пријателска основа и резултатот од нашата работа колку и да не е материјално поткрепен, е солиден зашто на крајот на краиштата тука сме да се претставиме ние и нашите гледишта. Оваа песна е резултат на тимска работа”, велат од хип-хоп екипата. “Зад аголот” лани го издаде првиот албум “Чувај го вистински вол.1” кој од слушателите на радиото “Балкан хип-хоп” беше прогласен за најдобро македонски хип-хоп издание за 2012 година. Раперите ќе го претстават албумот и на големиот концерт на 12-ти април.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: