Интересот за алтернативните сцени, детското катче и јавниот простор на “Пивофест” беше голем. Така на Камената бина каде младите се забавуваа до раните утрински часови и се’ помина во најдобар можен ред.
“Очекуваме вечерва да има уште поголема посетеност, не само од нашите сограѓани, туку и од посетителите од другите градови во нашата држава и надвор од неа. Сите екипи се спремни да одговорат на предизвикот кој го носи овој ден и очекувам дека и оваа вечер ќе помине во најдобар ред и дека посетителите, гостите, сите ние ќе бидеме задоволни”, истакна Јованоски.
Љупчо Тодоровски и Александар Митрикески се дел од организацијата на “Пивофест 2019”, задолжени за алтернативнот дел од програмата. Како што рекоа тие, првата вечер на Камената бина поминала во прекрасен амбиент и не се сомневаат дека понудата за втората вечерќе биде на задоволство на помладите посетители.
“Пред се’ мораме да кажеме едно големо “благодарам” за тоа што имаме можност да бидеме дел од еден ваков голем фестивал. Помина првиот ден со многу народ и имавме можност да ги чуеме ди-џеј Гејм Овер и Васко Бојаџиски, Марио Еди и “Архитек мјузик”. Вечер ќе ги проследиме настапите на Александар Миланов, Дејан Декс и Митрик. Како што кажав, голема е честа да бидеме дел од манифестација каква што е оваа и што алтернативната сцена може да се прикаже”, изјави Тодоровски.
Михајло Миленкоски, одговорниот за детската зона напомена дека на вчерашната забава присуствувале околу 350–400 деца, кои покажале голема креативност и придонесле да се создаде одличен амбиент. Програмата во детската зона е поделена во два дела: првиот од 09.00 до 12.00 часот и попладневниот дел кој почнува во 18.00 часот, а завршува со детското кино во 21.00 часот.
Во втората вечер на “Пивофест 2019”, главната бина е резервирана за настапите на Миле Кузмановски, Ален Хасановиќ, Уска Кан и Демир Кантуровски, а вечерта ќе ја затвори Светлана Цеца Ражњатовиќ.
За Музика 24 од “Пивофест 2019”: Филип Етмишовски
Фото: Марија Етмишовска
