Во прв ред

Ерос Рамацоти магионичар за концертна елеганција: Прочистува емоции, како брисачи автомобилско стакло!

Ете, и тоа чудо се случи. Најславниот Италијанец по песна, Ерос Рамацоти синоќа, за прв пат настапи во Македонија, во А1 арената во Скопје, пред публика која желно го чекала 30 години, од моментот на неговата почетна слава, која и ден денес не е изменета. Се што може да се каже, по слушнато и виденото, Ерос е магионичар. Магионичар за концертна елеганција. Својствена на Италијаните. И, магионичар за галење на чувства. Како со својот ултра мек глас така и со своето комплетно машко фраерство. И со својот високо емотивен набој, препознатлив за сево негово постоење.

Ни се чини дека и нему многу му се допадна Скопје, со самото тоа што не пропушташе одвреме навреме или при најава или во сама песна да извика милно, Скопјееее! Многу симпатично успеа да ни ги разгали чувствата со неговиот поздрав на македонски: “Здраво на сите како сте. Да уживаме во забавата. Фала”. Можеби рече уште нешто, но занесот беше толку голем, што се како да беше ни се случува како во полусон, и во илузија. Главен заклучок – ако имате наталожени емоции извадете ги на концерт на Ерос, тој ќе ги исчисти и избрише ккао брисачи автомобилско стакло. Публиката, во која доминираа припадничките на понежниот пол дојдени за убавиот гостин, ќе мора да се потсетува преку своите видеа што ги снимаше со мобилни.

Два часа поминати со големите хитови, изведени најпрво оние со поспоро темпо, и понепознати за нас, во вториот дел веќе познатите, а на средина кулминацијата со најомилената и долгоочекувана “Cose della vitta” (дуетска со Тина Тарнер), за да заврши со “Piu bella cosa” и светнати мобилки од сите страни. За светлосните ефекти кои го обојуваа концертот може само да се рече дека беа бајка. И/ли не однесоа таму. А за пораката на концертот – силна и неопходна. Големо зелено дрво беше симболот на самата завеса на сцена пред да се отвори и да почне се, а потоа на видеа одеа еколошки пораки и информации за спасување на Планетата, од типот дека во 2025 во морињата ќе има повеќе пластика отколку риби.

Делириум беше кога Ерос се симна во публика, во два наврати. Кога дозволи да го галат и допираат тие од првите редови на фан питот. И кога ја фрли црната крпа со која под маичката ја избриша својата пот. Се појави и во спортска и во елегантна италијанска гардероба. Ерос во топ форма пееше, свиреше на гитара, свиреше на бело пијано. Концерт кој – еднаш го гледаш, цел живот го памтиш. Концерт за кој не ти зборува, се доживува и, се одмолчува!

Подготви: Валентина Ѓоргиевска – Парго

Фото: Музика24/Стефан Рајхл

Можеби ќе ве интересира: