Во прв ред

Ноќта кога добриот Брајан Адамс 100 % “рокествуваше” со Скопје (Фото)

Помисливме дека тоа ќе биде уште една рок свирка на познат рокер кој дошол “речиси на минување”, сега знаеме дека ако не отидевме ќе пропуштивме нешто што значи романтичен и антологиски рок спектакл, по сите основи. Најпознатиот канадскиот рок автор и изведувач и долгодецениската светска ѕвезда, Брајан Адамс, на 13-ти ноември 2019 година, го одржа својот прв концерт во Македонија, во салата А1 Арена.

А, со својата спонтаност и едноставност, не натера да сме задоволни од себе си што сме го сакале уште “од времето”, да почувствуваме мала грижа на совест кога сме ги слушале локалните предрасуди на алтернативите дека тој не е најдобриот, и да го очекуваме повторно да ни дојде. Без помпа, загревање и слични “сценски бижутерии”, тој по 20 минути од закажаниот термин, излезе со својот бенд и почна да свири и пее.

“Здраво. Јас се викам Брајан Адамс”, се претстави и кажа дека му е прв пат во Македонија. И би, 100% рок ноќ-во која пееше, свиреше на гитара, ги менуваше гитарите, и тој и бендот, свиреше и сам романтично, засвире и на усна хармоника, и зборуваше на публиката, шеговито ја пофали дека тоа е најдобрата македонска толпа која ја видел, фрли по некоја шеговит и пристојна “факинг” псовка, побара да светат мобилните на носечка песна на неговата турнеја “Shine a light”, но и замоли публика да ги прибере мобилните и да ужива во неговото шоу, помалку танцуваше, повеќе не убедуваше нас да танцуваме, малку имаше и кореографија со своите придружници при која и го потчукнуваше задникот со раката, скокаше со гитарата, се доближување до публика, импровизираше.

“Добровечер” кажа на средина на концертот, Македонија ја спомна приближно десеттина пати, се забавуваше со ќејф, воопшто не се филмаше и глумеше, си беше тој цело време и на крај кога ја пееше својата прва компонирана песна, рече дека кога на 18 години ја пишувал, никогаш не ни помислувал дека таа песна еден ден ќе ја пее баш во Македонија.

“Јас сум среќен човек штом правам работа која мене ме прави среќен, а и публиката низ светот”, беше искрен добриот Брајан. Брајан Адамс приреди лефтерен и спонтан рок концерт. Брајан Адамс е најдобар! Се прави со мерка, и е доста забавен и срдечен, но, интересен феномен е што неговите песни кои содржат траги на патетика, на концерт се претвораат во весели љубовни песни. Па дури и “Please forgive me” делува весело, со безопасни ронки на тага, кои бездруго, и не го оштетуваат вашето расположение. Енергичен е и топол Брајан, срдечен, слободен и природен, прилично темпераментен, внесен и посветен, зборува токму колку треба, се движи на сцена, и соработува со публика во секој момент и по цели два часа интензивна рок журка, не покажа знаци на умор.

Светлосните ефекти беа со посебна префинетост. На моменти беше спектакуларно осветлена сцена, а на моменти со пригушени светла, за потребната романтика. За среќа и на оние кои се љубители на класична сцена, без многу ефекти, и снимките кои одеа во заднина, се беше толку дискретно и неосетно. “Shine a Light” ја пееше на почетокот од концертот. Мобилните засветија од сите страни. Почна со поново, но слушнато, а некаде на средина ете ја уникатната латино мелодија “Have You ever Really loved a woman”, па по некоја песна дојдовме и до опомената да се остават мобилните да се стават во џеб, повторена неколку пати. Публиката го послуша, но за нецела минута, зошто тогаш почна да ја пее фамозната “(Everything I Do) I Do It For You”, па ретко кој издржа да не го снима моментот.

Додека на бимот одеа сцени од филмот “Дон Жуан Де Марко” со Џони Деп во главната улога. Морниците се случија, очекувано, со “Please forgive me”, песна која го најавуваше расплетот на концертот, малку ли малку и “All for Love”, “Forever 18”, бисот. Брајан покажа дека неслучајно е Ѕвезда која трае три децении, и со ист “светлечки ефект”, предизвикувал на топли бранувања, тој е нешто кое така мора да биде и никако поинаку. Брајан Адамс е фраер. Најпозитивен што може. Барам збор да го опише него, па нека биде, нека биде дека тој комплетно “Рокерствуваше”, со себе и со другите. Еве, јас ќе го почестам со овој специјално за него искован збор.

Заслужи, зошто навистина умее во рок манир да те воведе внесе во романтичната приказната, и да те остави присебен во целиот тој занес. Едноставно да чувствуваш. Со душа и емоции. Музички и по звук многу многу квалитетен, неколку пати подобар отколку на снимка. Рок фраер и за уво и за око. Ако треба да го опишеме филмски како го доживеавме вечното рок момче, тоа би изгледало вака како најпосакуван млад убавец, кој ја ќарил најубавата девојка наоколу, ја качува во најубава лимузина и ја вози по прав автопат, знае кога треба да и пушти музика, кога да го појача звукот, кога да го поднамали, кога да влета во четврта, петта, да “претрка”, да и внесе возбуда, кога да и ја погали по коса , кога да ја фати за рака, кога да и ги затвори очите со дланката, кога да ја бакне, кога да… знае се како треба. Кочииии!!!

Тоа беше добриот Брајан Адамс во Скопје!

Текстот го подготви: Валентина Ѓоргиевска – Парго

Фото: Фотографиите се користени од официјалната фб страна на организаторот на концертот “Авалон продукција”, Стефан Рајхл

Можеби ќе ве интересира: