Имам нешто да те прашам

Филип Василевски: Понекогаш знам да го разбудам детето во мене (Фото+Видео)

За себе вели дека е голем спанко, позитивен, секогаш насмеан и заљубен во својата девојка. Спортува рекреативно, а во вечерните часови сака добри и квалитетни забави и дружење со блиските личности. Има само 25 години, а од пред четири години животот буквално му се менува. Тој е еден од младите и можеби еден од најдобрите машки вокали во Македонија. Дел е од “Андреналин Бенд” каде што заедно со останатите членови досега имаат неколку хитови зад себе. Неговото име и презиме е Филип Василевски, момчето кое што од неодамна се натпреварува во музичкото тв шоу “Ѕвездите на Гранд”. Што тој одговори на нашето новогодишно интервју, прочитајте во продолжение…

Музика24: Наближуваат Новогодишните и Божиќни празници, како се чувствуваш секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали можеби се радуваш на целата предновогодишна и празнична адмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за тебе се само обични денови кога малку повеќе се одмора, јаде и пие?

Филип Василевски: Искрено, порано како тинејџер се чувствуваше повеќе сета таа еуфорија пред дочекот на Новата година. Денес со свои обврски пред Новата година, ангажмани, настапи, но за се се наоѓа простор и време, и за одмор, релаксација и добар ручек со најблиските.

Музика24: Дали и после толку години верувате во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?

Филип Василевски: Сите знаеме дека не постои, но понекогаш знам да го разбудам детето во мене и да фантазирам околу тоа.

Музика24: Сите ние малку или повеќе на некој чуден начин веруваме дека Дедо Мраз ќе ни донесе некаков подарок, односно, она што сме си го посакале. Дали можеби како дете си оставал празни новогодишни чорапчиња и си го чекал подарокот од најпосакуваната личност во овој период од годината, дедото со бела брада?

Филип Василевски: Мислам дека не постои човек што не го правел тоа како мал и не замислувал и испраќал желби до Дедо Мраз.

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за дочекот на Новата година?

Филип Василевски: Не се подготвувам нешто посебно, едноставно се доаѓа спонтано.

Музика24: За дочекот на Новата година секогаш и пред се тебе ти е битно добро друштво, забава и музика… или пак онака домаќински во опуштена адмосфера со малку повеќе храна, пиење, шала, смеа… и потоа секако некој добар новогодишен филм?

Филип Василевски: Искрено, не ми е битно каде сум за дочекот на Новата година, битно ми е да сум во добро друштво и атмосфера.

Музика24: Како и на кој начин ги изненадуваш саканите за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакаш да го подариш, и што е она што тебе би те изненадило како подарок?

Филип Василевски: Како и секоја година, така и оваа, единствената желба и подарок ќе ми биде пред се моите најблиски да ми се живи и здрави, да има љубов, слога, мир и спокој. Како на себе, така и на сите останати го посакувам истото. Мислам дека тоа е најскапоцениот подарок од Бога. Инаку знам и без некој посебен повод да купам некоја ситница и да ги изненадам најблиските.

Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратиш 2019-та, а ќе ја дочекаш Новата 2020-та година?

Филип Василевски: Па веројатно оваа година дочекот на Новата година ќе биде во кругот на најблиските.

Музика24: Кој е според тебе настанот од областа на музиката кој што ја одбележи 2019-та?

Филип Василевски: Во нашата земја тоа би бил концертот на Влатко Лозановски.

Музика24: А кој е пак според тебе хит песната која што на некој начин ја одбележа 2019-та година и видео спотот кој што тебе ти остави најголем впечаток?

Филип Василевски: Сигурно имало некоја песна што ете мене ми била хит во 2019-та, но неможам да се сетам, бидејќи слушам многу песни и разна музика.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: