Имам нешто да те прашам

Виктор Апостоловски: Имам доволно љубов и разбирање за сите (Фото+Видео)

Сите ние него го запознавме на првото издание на “Македонскиот идол”. Интересно, симпатично, забавно момче кое што уште тогаш знаеше што и како сака. Денес тој е познат македонски пејач, познат артист на македонската музичка сцена кој што твори, создава и е веќе докажан во она што го работи. Ги сака новогодишните празници и едноставо ужива и се одмара во нив. Верува во Дедо Мраз и би го изненадило и најмалото подароче ако е подарено од срце.

Виктор Апостоловски, познат на македонска публика, одговара на нашите новогодишни прашања, а што тој вели за новогодишните празници, како и на кој начин ги прославува… прочитајте во продолжение…

Музика24: Наближуваат Новогодишните и Божиќни празници, како се чувствуваш секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали можеби се радуваш на целата предновогодишна и празнична адмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за тебе се само обични денови кога малку повеќе се одмора, јаде и пие?

Виктор Апостоловски: Баш заради тоа што најмногу се одмара, јаде и пие, најмногу и се радувам! Јас сум еден од оние луѓе кои вежбаат цела година, но не за летниот распуст, туку за зимските празници! За да можам да седнам на маса раат и да не се замарам за ништо.
Е тоа е еуфорија! Уште од сега ми паѓа тешко колку ќе бидам прејаден! (се смее). Шала на страна, овој период е секогаш преполн со настани, што значи ќе се работи во полна пареа дур не дојдат празниците, па после тоа заслужено ќе се одмара.

П.С: Кога си и артист и продуцент и студиото ти е дома, технички никогаш не одмараш, работиш 24/7, ама па луѓето мислат дека ништо не работиш, така шо, не им кажувајте хахаха (се смее).

Музика24: Дали и после толку години веруваш во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?

Виктор Апостоловски: Секако дека постои! Какви се луѓе и случувања постојат кај нас, би било нестварно да не постои Дедо Мраз!

Музика24: Сите ние малку или повеќе на некој чуден начин веруваме дека Дедо Мраз ќе ни донесе некаков подарок, односно, она што сме си го посакале. Дали можеби како дете си оставал празни новогодишни чорапчиња и си го чекал подарокот од најпосакуваната личност во овој период од годината, дедото со бела брада?

Виктор Апостоловски: Секогаш! Моите ни имаа направено такви црвени чорапчиња, со бел памук околу горниот дел, и тоа големи! Ептен новогодишни! (се смее). И на почетокот, кога бевме ептен мали, бидејќи татко ми патуваше често, во текот на зимата почнувајќи од декември па до крајот на јануари, секое негово враќање, Дедо Мраз ни носеше еден куп подароци. Како се менуваше финансиската состојба, така Дедо Мраз се поретко доаѓаше накај нас, ама никогаш не престана. Па макар и тоа да било симболично.

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за дочекот на Новата година? Подготвувате специјалитети, сакате да уживате во прошетките со најмилите, купувате подароци за своите…?

Виктор Апостоловски: Дечиња сеуште немам, не сум стигнал до таа фаза од животот, иначе се би се вртело околу нив. Како што спомнав претходно, тој период е еден од поплодните кога се работи за нас музичарите, па и немаме нешто многу време за дружење. Обично се подготвуваме за сите настани шо следат, снимаме емисии, спотови и сл. Е откако ќе поминат сите тие прослави, после тоа гледам да се видам со сите, а за тоа треба време, бидејќи сме голема фамилија и ретко можиме да се собериме сите на едно место.

Музика24: За дочекот на Новата година секогаш и пред се тебе ти е битно добро друштво, забава и музика… или пак онака домаќински во опуштена адмосфера со малку повеќе храна, пиење, шала, смеа и потоа секако некој добар новогодишен филм?

Виктор Апостоловски: Искрено, бидејќи таква ни е професијата, нас музичарите ни е Нова година секој викенд. Така што обично, новогодишните настапи се едни од најплатените, па ако имаш добра понуда, Новата година ја врвиш правејќи го она што најдобро знаеш, а тоа е да им ја разубавиш вечерта на сите останати. Ако немаш добра понуда, јас мислам дека 99,9% од музичарите би одбрале да ја поминат во опуштена атмосфера, домашно, со најблиските.

Музика24: Како и на кој начин ги изненадуваш саканите за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакаш да го подариш, и што е она што тебе би те изненадило како подарок?

Виктор Апостоловски: Па зависи, не е дека имам некој стандард подарок што би го давал на сите. Сите ние знаеме отприлика што би ги израдувало личностите што ни се блиски, така што, поклонот зависи од личноста. А мене би ме изненадило било каков поклон, па макар и чоколадно бананче од 5 денари. Јас сум од оние луѓе од кои секогаш се очекува, а скоро никогаш никому не му текнува да им поклони нешто. И обично таквите луѓе се пресреќни од најситен гест, камо ли нешто поголемо. Само онај момент на искажување чест т.е. благодарност, да знаеш дека некому значиш нешто. Ама обично ни тоа не го добиваат. И пак не се бунат! Тоа само значи дека сум благословен да немам потреба од потврда за тоа колку вредам како личност. Имам доволно љубов и разбирање за сите!

Музика24: Што всушност за тебе претставува сета таа празнична предновогодишна еуфорија, дочекот на Новата година и сите оние мали и поголеми случувања поврзани со овие празници?

Виктор Апостоловски: За мене најголемата еуфорија околу Нова година е тоа што означува дека имам уште месец и пол до мојот роденден и дека наскоро ќе бидам уште една година повозрасен! (се смее). Шала на страна, јас сум човек кој обожава да си поминува убаво, со убаво друштво и добра музика, а бидејќи тоа често го правам, еуфоријата и не е нешто многу поголема од останатите денови. Грижата е малку поголема бидејќи 90% од луѓето немаат можност да се журкаат толку често, па кога ќе имаат денови како Нова година, тогаш немаат кочници, па некој мора да се грижи и за нив.

Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратиш 2019-та, а ќе ја дочекаш Новата 2020-та година?

Виктор Апостоловски: Сеуште чекам потврда за моите “службени” активности на 31-ви, но најверојатно тоа ќе биде во Битола. Како и да е, картите се уште отворени, така што, ќе видиме.

Музика24: Кој е според тебе настанот од областа на музиката кој што ја одбележи 2019-та?

Виктор Апостоловски: Па бидејќи не се плеткам по тие кругови и не сум нешто многу многу во тек со сите настани во државава. И покрај сите социјални мрежи стално предоцна дознавам за сите концерти и настани, па затоа, за мене лично, 2019-та ќе биде одбележана по мојот втор албум кој го промовирав на мојот 28-ми роденден.

Музика24: А кој е пак според тебе хит песната која што на некој начин ја одбележа 2019-та година и видео спотот кој што тебе ти остави најголем впечаток изминатата година?

Виктор Апостоловски: Годинава излегоа многу добри дела и на нашата естрада, мада сега да ме отепаш не ми текнува спот, се што ми текнува е како спотот за песната “Крал” го направив во два дена пред да заминам за Иос, а ден денес редовно го пуштаат на Балканика ТВ.
Како и да е ми се допаѓа што се повеќе гледам нови песни и видеа, нивото се поткрева секој ден, е сеа сеуште сме далеку од светот, и уште долго ќе бидиме. Не дека е голема разликата материјално, колку шtо застарени вредности не кочат, ама кај нас ништо не се сменило наеднаш, така што, за жал, ќе мораме да си причекаме, па здравје можда на нашите деца ќе им се посреќи.

Музика: Веќе сме на прагот на една нова и се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се твоите планови, замисли и идеи за Новата 2020-та година? Што би сакал да ти се случи, оствари и реализира на приватно поле и во полето на музичката кариера?

Виктор Апостоловски: Идеи има многу! Пред се би сакал да се остварат патувањата шо ги замислив уште претходнава година, ама поради склоп на околности и обврски, не успеав да си ги остварам. Потоа има неколку соработки кои чекам да се остварат, многу спотови и песни и т.н.

Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакал на твоите фанови, подржувачи, како и како и читатели на музичкиот портал Музика24?

Виктор Апостоловски: Би им посакал се шо сакаат да им се исполни! Да не куртулат од убајни! И гла да не можат да кренат од среќа! Од срце!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: