Имам нешто да те прашам

Елена Велевска: Во Новата година Ви подготвувам многу изненадувања (Фото+Видео)

Таа е позната македонска фолк пејачка. Зад себе има голем број на хитови, а кога таа настапува, се бараат карта повеќе и повеќе… Вели дека не верува во Дедо Мраз, но дека целата таа предновогодишна атмосфера и еуфорија делува на неа. Скромни би биле ако кажеме дека и покрај трите дечиња кои што таа ги има, сеуште се грижи за својот изглед и изгледа преубаво, младо, позитивно… едноставно изгледа совршено.

Елена Велевска, и покрај тоа што имаше преновогодишни обврски, снимања, гостувања и мнооогу настапи, сепак таа не би била таа ако не е вистински професионалец и не одговори на нашата покана да учествува и биде дел од новогодишното интервју на Музика24.

Што таа открива за себе, начинот на кој ја дочекува и прославува Новата година и празниците, што таа посакува, подарува и кои се нејзините желби и планови за 2020-та… прочитајте во продолжение.

Музика24: Наближуваат Новогодишните и Божиќни празници, како се чувствуваш секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали можеби се радуваш на целата предновогодишна и празнична атмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за тебе се само обични денови кога малку повеќе се одмора, јаде и пие?

Елена Велевска: Овој период од годината е еден од оние во кои ние естрадните музичари имаме многу професионални обврски, пред новогодишни забави, телевизиски снимања… За мене е како и сите други денови, зошто го поминувам работно, но убаво е кога ќе видам весели лица таму каде што настапувам. Можеби е мое субјективно мислење, но новогодишната еуфорија речи си и да ја нема како порано.

Музика24: Дали и после толку години веруваш во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?

Елена Велевска: Не, не верувам. Од кога станав мајка јас сум Дедо Мраз на моите деца. Како што јас сум сега за моите деца, така моите родители беа Дедо Мраз за мене и сестра ми. Со оглед на тоа дека мојата кариера ја започнав на 15 години, од тогаш секоја моја желба си ја исполнувам сама.

Музика24: Сите ние малку или повеќе на некој чуден начин веруваме дека Дедо Мраз ќе ни донесе некаков подарок, односно, она што сме си го посакале. Дали можеби како дете си оставала празни новогодишни чорапчиња и си го чекала подарокот од најпосакуваната личност во овој период од годината, дедото со бела брада?

Елена Велевска: Никогаш не сум го правела тоа, но моите родители секогаш знаеле што сакам и тоа сум го добивала. Се радував со пакетчиња и барбики, играчки како сите деца, никогаш сум немала некои посебни, големи желби.

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за дочекот на Новата година? Подготвуваш специјалитети, сакаш да уживаш во прошетките со најмилите, купуваш подароци за своите дечиња…?

Елена Велевска: Со оглед на тоа дека професионално ја поминувам новогодишната ноќ, подготовките се вообичени како пред секој настап, разговор, договарање со стилист со тоа што ќе носам, фризер, шминкер… Во декември речи си и да немам слободен ден, но секој слободен момент го поминувам со моите деца, а подароците се присутни низ целата година.

Музика24: За дочекот на Новата година секогаш и пред се тебе ти е битно добро друштво, забава и музика… или пак онака домаќински во опуштена адмосфера со малку повеќе храна, пиење, шала, смеа и потоа секако некој добар новогодишен филм?

Елена Велевска: Не помнам кога последен пат сум ја поминала новогодишната ноќ дома, во домашна атмосфера. Ако би се случило да сум за новогодишната ноќ дома сакам да е во мирна, семејна атмосфера, со моите деца е сосема доволно.

Музика24: Како и на кој начин ги изненадуваш саканите за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакаш да го подариш, и што е она што тебе би те изненадило како подарок?

Елена Велевска: Ги слушам моите најблиски во неформален разговор што би сакале и се трудам тоа да им го подарам. Моите деца немаат некои посебни желби, слични се како на секое дете, а мене ми е сосема доволно кога ќе видам насмевка и дека сум успеала во изненадувањето.

Музика24: Кој е според Вас настанот од областа на музиката кој што ја одбележи 2019-та?

Елена Велевска: Во октомри месец на мојата публика им ја подарив песната “Зоро мојо румена”, долго време се работеше на истата, но и на спотот и морам да признаам дека трудот се исплатеше. Песната им се допадна на мојата публика што за мене е најважно. Една од работите кои ми ја одбележа 2019-та е токму таа песна. Позитивно сум изненадена што на моите настапи, публиката бара мои песни кои се постари и баш поради тоа во Новата година подготвувам едно изненадување.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова и се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се твоите планови, замисли и идеи за Новата 2020-та година? Што би сакала да ти се случи, оствари и реализира на приватно поле и во полето на музичката кариера?

Елена Велевска: Неколку проекти ми останаа не реализирани во годината која пополека но сигурно ја испраќаме, кои ќе ги реализирам во новата. Она кое што можам да и го ветам на мојата публика е дека ќе има нови песни, спотови, проекти но и многу изненадувања.

Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакала на твоите фанови, подржувачи, како и читатели на музичкиот портал Музика24?

Елена Велевска: Пред се сакам да Ви го честитам осмиот роденден, да продолжите да ја подржувате македонската музика. Ќе ви се заблагодарам за успешната соработка, и што секогаш мојата публика ја информирате за се она кое што е ново во мојата кариера. Колку и да звучи клише на сите им посакувам здравје, да работат на себе, и секоја желба, амбиција да им стане реалност, да слушаат македонска музика и да ги читаат вашите содржини. Среќна нова 2020-та година.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: