Имам нешто да те прашам

Таско: Новата година претставува среќа, бидејќи славиме уште една успешна година во нашите животи (Фото+Видео)

Доколку го споменеме Христијан Тасковски, многумина би се прашале кој е пак сега тој, но доколку кажеме дека во денешното новогодишно интервју одговорите ни ги даде Таско, тогаш сите симпатично би се насмеале и со задоволство би го прочитале интервјуто што следи.

Тој е млад, згоден, убав… и едноставно понекогаш човек ќе каже – совршен. 2019-та е негова година кога на македонската музичка сцена донесе голем број на хитови, без кои не поминува ниту една забава. Вели дека го сака и негува новогдишниот празничен дух, еуфоријата која што сите порано или подоцна не фаќа. Не верува во Дедо Мраз, а во зимскиот период сака да се забавува со зимските спортови и неговиот омилен спорт бордање и така да се одмори од сите обврски од целата година. Редовно вежба фитнес и има едно од најсовршените тела на македонската музичка сцена.

Што друго Таско одговори во новогодишното интервју на Музика24, прочитајте во продолжение:

Музика24: Наближуваат Новогодишните и Божиќни празници, како се чувствуваш секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали можеби се радуваш на целата предновогодишна и празнична атмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за тебе се само обични денови кога малку повеќе се одмора, јаде и пие?

Таско: Секогаш сум го чувствувал новогодишниот дух, посебна енергија кружи наоколу во тој период од годината. Се посветувам на пријателите, фамилијата, но како музичар времето ми е ограничено бидејќи имаме доста ангажмани во тој дел од годината.

Музика24: Дали и после толку години веруваш во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?

Таско: Не верувам, нормално. Тоа останува секако како едно убаво сеќавање од детството.

Музика24: Сите ние малку или повеќе на некој чуден начин веруваме дека Дедо Мраз ќе ни донесе некаков подарок, односно, она што сме си го посакале. Дали можеби како дете си оставал празни новогодишни чорапчиња и си го чекал подарокот од најпосакуваната личност во овој период од годината, дедото со бела брада?

Таско: Не сум оставал чорапчиња хахаха, но најомилен подарок за Нова година ми бил мп3 плеер со слушалки.

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за дочекот на Новата година? Подготвуваш специјалитети, сакаш да уживаш во прошетките со најмилите, купуваш подароци за своите сакани…?

Таско: Гледам да поминувам повеќе време со најблиските и да творам што е можно повеќе музика.

Музика24: За дочекот на Новата година секогаш и пред се тебе ти е битно добро друштво, забава и музика… или пак онака домаќински во опуштена адмосфера со малку повеќе храна, пиење, шала, смеа и потоа секако некој добар новогодишен филм?

Таско: Нова година е обично работна за нас, така што најверојатно ќе ја дочекам Новата година на сцена.

Музика24: Како и на кој начин ги изненадуваш саканите за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакаш да го подариш, и што е она што тебе би те изненадило како подарок?

Таско: Моите најблиски не сакаат многу-многу скапи подароци, но секоја зима гледаме да се почастиме со некое скијање и бордање. Еве тоа е нешто што не знаете омилен зимски спорт ми е бордање и тоа е нешто што највеќе ме исполнува кога ќе падне снегот.

Музика24: Што всушност за тебе претставува сета таа празнична предновогодишна еуфорија, дочекот на Новата година и сите оние мали и поголеми случувања поврзани со овие празници?

Таско: Среќа, бидејќи славиме уште една успешна година во нашите животи.

Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратиш 2019-та, а ќе ја дочекаш Новата 2020-та година?

Таско: Како што споменав, најверојатно на некоја сцена… тоа е среќата на еден музичар.

Музика24: Кој е според тебе настанот од областа на музиката кој што ја одбележи 2019-та?

Таско: За мене хајлајт за оваа година се двата настапи во Охрид и Скопје. Охрид летото одрживме концерт заедно со Раста и Маја Беровиќ, а во Скопје беше уште поголем спектакл, бидејќи тоа е мојот роден град и бидејќи ги соединивме силите со Раста, Корона и Римски за да направиме толку голем настан. Чист погодок.

Музика24: А кој е пак според тебе хит песната која што на некој начин ја одбележа 2019-та година и видеоспотот кој што тебе ти остави најголем впечаток?

Таско: Лично мене чист хит ми останува засекогаш “Ducati”. А за видео проект за 2019 “Gran Turismo” и “Crna Mecka”.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова и се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се твоите планови, замисли и идеи за Новата 2020-та година? Што би сакал да ти се случи, оствари и реализира на приватно поле и во полето на музичката кариера?

Таско: Имам многу проекти кои ќе бидат лансирани во новата 2020-та. На сите полиња секако се надевам на најдоброто.

Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакал на твоите фанови, подржувачи, како и читатели на единствениот музичкиот портал Музика24?

Таско: Покрај среќа и здравје би им посочил никогаш да не се откажуваат од замисленото, секогаш да се слушаат самите себе и да се вреднуваат поради квалитетите што ги поседуваат. Сите сме добри во одредена работа и тоа не прави уникатни! Ве сака Таско!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: