Имам нешто да те прашам

Јасмина Димитровска: Кога имате поддршка и силно верувате во тоа дека ќе успеете, на крај секогаш успевате (Фото+Видео)

Родена битолчанка, која денес живее и работи во Скопје. Заврши соло-пеење и извесен период беше активна на македонската музичка сцена. Имаше бројни фестивалски учевства кај нас и во регионот, освои неколку награди, сними и неколку музички спотови, но поради одреден сплет на околности се повлече од естрадата, но не се откажа од музиката. Веќе девет години е активен член и солист на женскиот камерен хор “Св. Злата Мегленска”. Веќе пет години работи како проектен координатор, а поради тоа што има специфичен изглед и стил на облекување и е голем љубител на модата, се занимава и со модно блогерство.

Во нејзиното новогодишно интервју, Јасмина Димитровска ни открива како сака да ја прослави Новата година, што е она што таа сака да подари и да и подарат и какви се нејзините планови за годината која е пред нас…

Музика24: Наближуваат Новогодишните и Божиќни празници, како се чувствуваш кога доаѓа овој период од годината? Дали се радуваш како мало дете на целата предновогодишна и празнична атмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за тебе се само обични денови во кои малку повеќе се одмараме и поминуваме време со најблиските?

Јасмина Димитровска: Кога бев дете, едвај го чекав овој перод од годината. Тогаш во мене (секако гледано од таа дистанца и од детска перцепција) тлееше една голема предновогодишна еуфорија, исполнета со најразлични случувања. Бидејки пеам од мала, секогаш на приредбите кои се одржуваа во моето училиште, а и во мојот роден град Битола, бев ангажирана да отпеам некоја песничка. Китењето на елката во домот ми беше посебно доживување, (иако елката не беше нешто посебно и беше накитена со украси во сите можни бои што постојат) под неа имаше голем број новогодишни пакетчиња и честитки кои на домашна адреса ни ги носеше “Чичко Поштар” кои ни ги испраќаа најблиските со цел да ни ги честитаат Нова година и Божик. Честитки “си испраќавме” и на училиште, обично пред да дојдеме на училиште и за време на големиот одмор, на столчето на кое седевме, или под клупата ќе си најдевме по некоја честитка со Дедо Мраз, од задната страна исцртана со снегулки и исполнета со голем број новогодишни желби. Тие зими беа доста ладни и долги, со снег до колена, (едвај го чекавме зимскиот распуст, дома на топло да си седиме, оти Битола до -30 знај да фати, хахаха…), но токму тоа на преминот од Старата во Новата година носеше со себе една поинаква, поинаква слика, како од бајките… Се навратив на овој период, бидејки припаѓам на една од генерациите, кои знаеја и умееја вистински да се радуваат, социјализираат и да ги негуваат оние патријархални вредности, кои за жал пополека избледуваат. Во најголема мера тоа е така, заради дигиталната ера во која живееме. Не знам и не можам да говорам во име на другите, но јас, а и детето во мене, од година во година се помалку ја чувствуваме таа магична предновогодишна еуфорија. Веќе 16 години сум во Скопје, и од 2003, па наваму, се е доста променето во начинот на социјализација и во начинот на комуникација… Едноставно мааалку повеќе недостасува онаа убава енергија која ја прави таа предпразнична магија, која мами искрени насмевки на лицата и на децата и на возрасните, енергија која нема никаква врска со тоа на која возраст сте и како од внатре се чувствувате…

Музика24: Дали и после толку години веруваш во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?

Јасмина Димитровска: Сите веруваме во нешто. Некој верува во тоа што го чувствува, некој верува во тоа што го гледа. Дури и тие што велат дека не веруваат во ништо, највеќе веруваат во нешто, само за ним познато. И сето тоа е во ред, ги почитувам сите (не)верувања. Јас лично верувам дека Дедо Мраз сме ние самите, луѓето до нас, околу нас, бидејќи секој од нас нешто на некому дарува. Не мора да е подарок, или нешто друго од материјална вредност, доволоно е да подарите една насмевка, еден убав кажан збор, една исконска позитивна мисла, за секој барем за миг да се чувствува исполнето, прифатено, продуховено, благодарно…

Музика24: Сите ние малку или повеќе на некој чуден начин веруваме дека Дедо Мраз ќе ни донесе некаков подарок, односно, она што сме го посакале. Дали можеби како дете, а  и ден-денес, оставаш празни новогодишни чорапчиња и го чекаш подарокот од најпосакуваната личност во овој период од годината, дедото со бела брада?

Јасмина Димитровска: Делумно одговорот го дадов во претходното прашање, сега само малку ќе го надополнам. Додека бев детуле, таа улога ја имаа бабите и дедовците, кои несебично ми приредуваа многу изненадувања. Добивав многу подароци, претежно тоа беа новогодишни пакетчиња, но добивав и разни играчки, облека… Немав некоја таква навика да оставам празни чорапчиња под елката, ја немам навиката ниту денеска. Не чекам да дојдат празници за да подарам некому нешто, затоа што повеќето така прават. Многу почесто знам да изненадам некого и да подарам нешто сосема спонтано и непланирано, а токму тие моменти се најубави и најмногу се паметат.

Музика24: На кој начин се подготвуваш за дочекот на Новата година, воедно и за сите оние денови кои ни доаѓаат, а се дел од целата празнична атмосфера?

Јасмина Димитровска: Немам некој посебен ритуал. Секое утро се будам со позитивна мисла и со благодарност затоа што има уште еден нов ден пред мене, уште еден нов предизвик да направам нешто убаво, за себеси и за другите околу мене. Периодов го користам максимално да се одморам од работните обврски, (веќе пет години работам како проектен координатор и пред некој ден се вратив од работни обврски во Република Бугарија), кои оваа година навистина беа многубројни, но успешно и навремено завршени и токму поради тоа сум пресреќна. Уживам во времето поминато првенствено со себеси, а потоа со сите кои ми значат и им значам. Прошетки, кафе-муабет, предновогодишен шопинг, забава…и оп, ќе си дојде Новата година (хахаха)

Музика24: Според тебе, што е најубаво за дочек на Новата година: добро друштво, забава, музика… или пак онака домакински во опуштена атмосфера со малку повеќе храна, смеа и некој добар филм?

Јасмина Димитровска: Секој со својата замисла и перцепција за убавина, па така и јас. Најмногу сакам да отидам на патување. Сакам да истражувам и да запознавам други култури, да доживеам нешто поразлично во поглед на новогодишните традиции и начинот на прославување на овие празници. Од она кое досега сум го видела, во другите земји е многу поинаку и скоро насекаде главните прославувања се одвиваат надвор на плоштад, со музика од локални артисти, без многу фама и врева и потресување околу тоа кој што ќе облече и каква фризура ќе има, а тоа пополека почнува и кај нас да станува практика, барем кај луѓе кои приватно ги познавам. На крајот на краиштата местото не е најважниот фактор за убаво поминато време. Најважнен е  изборот на луѓето и начинот на кој ќе се одлучиме да го одбележиме почетокот на Новата година. Домашната атмосфера си има некоја своја посебна убавина, во која буквално може да правите што си сакате. Доволно ви е со една чаша винце да наздравите и секому да му посакате се најубаво.

Музика24: На кој начин ги изненадуваш твоите сакани за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој вообичаено сакаш да го подариш, и што е она го што очекуваш и најмногу би те изнанадило како подарок?

Јасмина Димитровска: Материјлното само моментално не задоволува. Патријархалните и моралните вредности се фундаментот и битието на нашето постоење и опстојување. Ако тоа го немаме, секој материјален подарок е излишен и непотребен. Подарете искреност, една топла прегракта, тоа многу повеќе значи од нова брендирана чанта, или парче накит.

Музика24: Каде и на кој начин ќе ја испратиш старата и ќе ја дочекаш новата 2020-та година?

Јасмина Димитровска: Годинава ќе бидам во Скопје, во кругот на блиски пријатели, локацијата се уште не ја знаеме, ама наскоро ќе ја дознаеме. Новогодишното патување ќе го оставам за следната година.

Музика24: Кој според тебе е настанот од областа на музиката кој ја одбележа 2019-та година, која што пополека, но сигурно си заминува?

Јасмина Димитровска: Ќе издвојам два. Евровизискиот успех на Тамара во Тел Авив, Израел, односно победата од евровизиското жири и одличното 7-мо место. Вториот е концертот на Васил Гарванлиев “Мојата Улица” на кој како дел од специјалните гости учествуваше хорот “Св. Злата Мегленска” во кој сум долгогодишен член, воедно и солист и имав чест и задоволство да отпеам една кратка етно-делница во една од неговите композиции, за која добив многу позитивни критики.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се твоите планови, замисли за твојата кариера и што е она што би сакал да ти се случи на професионално и приватно поле во Новата 2020-та година?

Јасмина Димитровска: Како креативен ум, на професионално и приватно поле имам многу идеи и планови кои сакам успешно да ги реализирам и токму поради тоа нема да ги откривам. Сепак процесот на идејата и реализацијата е долготраен, бара многу голема посветеност и трпение, но кога ја имате потребната поддршка и кога силно верувате во тоа дека ќе успеете, на крај секогаш успевате. Кога помалку ги откривате плановите и повеќе дејствувате, тогаш со огромно задоволство ги собирате плодовите на успехот.

Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакала на твоите фанови, подржувачи, како и читатели на музичкиот портал Музика24?

Јасмина Димитровска: На сите оние кои ме поддржуваат ќе им посакам да се живи и здрави, бидејќи тоа е најважно. Да дејствуваат и да не се откажуваат. Да се држат цврсто до своите ставови и да бидат она што се- свои, оригинални и да не живеат за очекувањата на другите. Да бидат хумани и да помагаат таму каде е најпотребно. Да бидат благодарни, да се прифатат себеси такви какви што се, да ги прифатат различностите и нека шират само позитивна енергија, почит и љубов за нив и за сите нас!

Solzi Za Tebe

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: