Музика24: Наближуваат Новогодишните и Божиќни празници, како се чувствуваш кога доаѓа овој период од годината? Дали се радуваш како мало дете на целата предновогодишна и празнична атмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за тебе се само обични денови во кои малку повеќе се одмараме и поминуваме време со најблиските?
Марио Арангеловски: Генерално, зимата не ми е омилено годишно време, но, еуфоријата која владее пред и после новогодишните празници нема цена. Убаво ми е. Секогаш имам дополнителна мотивација за работа, многу нови идеи и амбиции да променам нешто.
Музика24: Дали и после толку години веруваш во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?
Марио Арангеловски: Мојот Дедо Мраз се всушност моите мисли, моите емоции и мојата енергија. Затоа што длабоко верувам во тоа дека секогаш ни се случува она што самите си го привлекуваме, благодарение на мислите, емоциите и енергијата.
Музика24: Сите ние малку или повеќе на некој чуден начин веруваме дека Дедо Мраз ќе ни донесе некаков подарок, односно, она што сме го посакале. Дали можеби како дете, а и ден-денес, оставаш празни новогодишни чорапчиња и го чекаш подарокот од најпосакуваната личност во овој период од годината, дедото со бела брада?
Марио Арангеловски: Новата година, со сите свои митови е одличен период од годината кога секој од нас може полесно да ги манифестира работите кои сака да му се случат. Па така и јас, земајќи го предвид мојот одговор на претходното прашање.
Музика24: На кој начин се подготвуваш за дочекот на Новата година, воедно и за сите оние денови кои ни доаѓаат, а се дел од целата празнична атмосфера?
Марио Арангеловски: До пред некоја година работите ги толкував на еден поинаков начин. Со месеци претходно се подготвував и организирав. Сега тоа е сосема поинаку. Можеби годините си го прават своето, можеби само времето се променило, не знам. Сега милувам сосема спонтано да се организирам со најблиските и симболично да ја прославиме оваа ноќ. Еве, останаа уште неколку дена до дочекот, а јас се уште не знам каде и со кој ќе ја прославам. Но, токму во тоа е магијата. Најубаво си поминувам кога во последен момент ќе се организирам.

Музика24: Според тебе, што е најубаво за дочек на Новата година: добро друштво, забава, музика… или пак онака домакински во опуштена атмосфера со малку повеќе храна, смеа и некој добар филм?
Марио Арангеловски: Немам идеален концепт за прослава на Новата година. Некогаш сакам да патувам за време на празниците, некогаш да сум дома со семејството, некогаш со пријателите во домашна атмосфета, некогаш со пријателите на некое јавно место. Најважно ми е да сум со луѓе кои ги сакам.
Музика24: На кој начин ги изненадуваш твоите сакани за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој вообичаено сакаш да го подариш, и што е она го што очекуваш и најмногу би те изнанадило како подарок?
Марио Арангеловски: Кога бев мал, секогаш очекував од моите дома да ми купат нешто. Им се радував и на пакетчињата. Сега, на 24 години, среќен сум и кога ќе добијам само честитка од некој пријател.
Музика24: Што всушност за тебе претставува сета таа празнична предновогодишна еуфорија, дочекот на Новата година и сите оние мали и поголеми случувања поврзани со овие празници?
Марио Арангеловски: Одлична прилика за добра забава со блиски луѓе. Одлична прилика за промени. И одлична прилика за малку одмор од работните обврски и животни приоритети.

Музика24: Каде и на кој начин ќе ја испратиш старата и ќе ја дочекаш новата 2020-та година?
Марио Арангеловски: Се уште не знам. Во некое од претходните прашања Ви кажав дека останаа уште неколку дена до дочекот, а, јас се уште се немам договорено. Но, токму тоа ме радува. Оти знам дека спонтаните забави се најдобри.
Музика24: Кој според тебе е настанот од областа на музиката кој ја одбележа 2019-та година, која што пополека, но сигурно си заминува?
Марио Арангеловски: За мене, дефинитивно моето појавување во најгледаното регионално музичко шоу “Ѕвездите на гранд”.
Музика24: А кој е пак според тебе хит песната која што на некој начин ја одбележа 2019-та година и видео спотот кој што тебе ти остави најголем впечаток?
Марио Арангеловски: Shawn Mendes & Camila Cabello – Senorita, дефинитивно.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се твоите планови, замисли за твојата кариера и што е она што би сакал да ти се случи на професионално и приватно поле во Новата 2020-та година?
Марио Арангеловски: Јас сум свестран. Имам работно време од 8 до 4, се натпреварувам во најгледаното музичко шоу на Балканот, снимам видеа за Јутуб. Па, со самото тоа имам многу желби и очекувања во сите овие категории. Но, секогаш се водам по тоа дека не треба да имаме големи очекувања, за да не се соочиме со големи разочарувања. Па, ќе останам воздржан од јавно експонирање на моите желби. Во секој случај, сакам сите луѓе кои ги сакам да ми се живи, здрави и среќни.
Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакал на твоите фанови, подржувачи, како и читатели на музичкиот портал Музика24?
Марио Арангеловски: Многу здравје, среќа и успех им посакувам на сите кои ќе ја прочитаат оваа моја порака. Бидете свои, автентични и истрајни. Животот е убав. Среќни новогодишни и божиќни празници. Од срце, вашиот Марио.
Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски
