Музика на кирилица

Илија Ќосевски со песна за сите оние кои изгубиле некој во животот (Аудио)

Доколку имате изгубено некој близок, некој кој многу сте го сакале и почитувале, некој без кој тешко ви минува денот, некој кој ви недостига бескрајно, тогаш сигурно ќе ве обземат силни чувства слушајќи ја новата песна “Те изгубив” на Илија Ќосевски. На песната работеле Илија и неговата сестра Марија. Илија е комплетен автор, но за текстот, во кој верувам дека ќе се пронајдете, соработува и со Трајче Здравков.

Преубавата балада е снимена во Magnus продукција на Митко Јовановски. При снимањето му гостуваат неговата сестра Марија Илиева свирејќи на виолина, на саксофон Горан Кавраков (Нокаут), на електрична гитара Роберто Поп Димитров и уште некои негови колеги т.е. професори во музичкото училиште. Ќосевски има планови, но нашиот портал Музика24 гласно навива за тоа оваа прекрасна песна да добие видео запис, бидејќи гледаноста би била само уште едно признание за квалитетното музичко дело. Песната првично беше посветена само на покојниот татко на Илија, Славе Ќосевски. Но, за жал, откако завчера, на денот на промоцијата (31.03), тажна вест го потресе Штип, како во лош склоп на околности, прерано згаснаа три животи, Илија како и останатите сограѓани се сочувствува и песната ја посвети и на нив, младите момчиња, за кои не може да се најде ни еден збор кој би бил утеха и мелем за целата болка.

Животот е краток, ние сме гости на овој свет, доаѓаме и си заминуваме во определен момент на кој сме немоќни да влијаеме, затоа сакајте се и почитувајте се меѓусебно, тоа е најдоброто нешто што ќе остане.

Подготви: Сања Неткова

Можеби ќе ве интересира: