Неколку дена пред смртта, Фреди Меркјури легендарниот фронтмен на групата Квин, ја откри својата последна желба пред жената за која рекол дека е љубовта на неговиот живот. Желбата била само таа да ја собере пепелта по кремирањето и да ја стави на скришна локација која никогаш нема да се открие. Повеќе од 20 години Мери Остин се придржувала до ветувањето. Дури не им кажала ни на неговите родители. По смртта на Фреди во 1991-та година, се покренаа многу претпоставки: Дали неговата пепел е однесена во родниот Занзибар? Или е закопан под црешата во јапонската градина во неговата куќа во Лондон? Кога била подигната надгробната плоча на гробиштата Кенсал Грин во Западен Лондон на која стои неговото име Фарук Булсар – откриена пред еден месец, многу негови обожаватели помислија дека конечно дознаа каде е неговиот вечен дом.
Меѓутоа, Мери Остин жената на која Фреди и остави имот вреден 20 милиони фунти во Западен Лондон, како и девет милиони фунти во пари, е многу категорична: “Фреди не се наоѓа на тие гробишта”. Таа вели дека непосредно пред да умре, Фреди се плашел да не му го сквернават гробот.
“Не сакаше никој да го ископува, како што се случувало со некои славни личности. Знаеше дека обожавателите можат да бидат навистина опседнати. Сакаше неговиот гроб да остане тајна и така ќе биде”, вели Мери Остин. Мери две години ја чувала урната со неговата пепел во спалната соба, а потоа скришно ја закопала урната.
“Не сакав некој да се посомнева што правам. Реков дека одам на затегнување на лицето. Беше многу тешко да се најде вистински момент. Едно утро, скришно излегов од дома со урната. Тоа мораше да биде некој сосема обичен ден, така што послугата ништо не се посомнева”, вели таа. Останатите членови на групата не можеа да прифатат дека Мери го наследила неговиот имот. Таа вели дека Фреди ја предупредил дека ќе се соочи со љубомора. “И беше во право”, додава горко. Кога Фреди умрел, таа паднала во криза. Се разболела од неколку болести и се трудела емотивно да се избори со наследството.
“Мислев: – Ох, Фреди, ми остави толку многу и толку голем товар. Мислев дека не можам да се справам со тоа. Ме предупреди дека домот ќе ми биде поголем предизвик од што сум и самата свесна. Благодарна сум му на тоа што ме предупреди, бидејќи брзо се судрив со голема љубомора”, вели Мери Остин. Таа вели дека не разбира зошто ја опкружува толкава љубомора од страна на поранешните членови на бендот.
“За мене, тоа се само цигли и минливи работи. Беше многу дарежлив кон нив, но мислам дека тоа тие не го сфатија. Мислам дека не ценат и не сфаќаат што им остави Фреди. Им остави една четвртина од приходите од последните четири албуми, а не мораше тоа да го направи. Никогаш не се слушам со нив. Кога тој почина, тие само исчезнаа”, вели Мери Остин. Неговата работна соба остана иста како кога беше жив. Во неа има голем клавир, на кој се компонирани некои од најголемите хитови, вклучувајќи ја и Боемска рапсодија. Тука се и фотографиите со него и Мери. По шест години забавување, изјавил дека е геј и почнал да ги менува партнерите, додека неговиот живот се повеќе тонел во пороци. Но, неговата љубов кон Мери никогаш не престанала.
Подготви: Алаксандра Блажевска
