Овогодинешното 35-то јубилејно издание на Фестивалот на забавни мелодии “Макфест”, како што велат од Општина Штип кои всушност и се организатори на истиот, оваа година ќе се оддржи на отворено.
“Фестивалот оваа година слави 35 години од постоењето, јубилејно издание кое и пред да започне оваа состојба со коронавирусот сакавме да биде посебен заради тоа што тоа го заслужуваат и изведувачите и гледачите. Поради новонастанатата состојба со Ковид-19 одлучивме за првпат во историјата, Фестивалот на забавни мелодии “Макфест” за првпат да се одржи на отворено, односно на градскиот плоштад “Слобода”, каде што ќе се одржат две фестивалски вечери. Во моментов интензивно се разработува посебен план и програма за дистанца на учесниците и на публиката. Одржувањето на фестивалот се планира да биде во втората половина на месец септември. Се размислува помеѓу 18-ти до 20-ти септември или наредниот викенд 25-ти и 26-ти септември. Наскоро ќе се дефинира и точната дата”, изјави градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.
Уметничкиот директор на “Макфест”, Владимир Дојчиновски изјави пак дека поради светската пандемија воопшто не е планирано учество на странски пејачи, ниту пак дека ќе има интернационална вечер.
