Незаборавна вечер приреди Дарко Рундек со својата “Екипа”, вчера вечер во Херакла. Уште еднаш се потврди фактот дека Рундек без сомнеж е една од најзначајните фигури на хрватската и југословенската рок сцена веќе 40 години. Со групата “Хаустор”, Дарко создаде песни кои го обележеа новиот бран, а кои до и денес публиката ги пее во еден глас. Како и незаборавните хитови на “Хаустор”, така и песните од соло кариерата ја подигнаа на нозе бројната публика од Битола, Прилеп и околината, од сите генерации, од 7 до 77.
Рундек со своите песни, на свој начин ја води публиката во различни егзотични светови, на различни локации во исто време. Ова го може само вистински уметник каков што легендарниот Дарко Рундек со својата повеќедимензионална, светска, шарена, со различни мириси, вкусови и бои музика.
Маестро Рундек има фантастична “Екипа” во состав од: неговиот долгогодишен соработник Игор Павлица на труба, со кој соработува уште од времето на “Хаустор”. Младата Ана Ковачиќ на саксофон, Силвио Бочиќ на тапани, Роко Црниќ од популарниот бендот “Порто Морто” на бас-гитара и Миро Манце на ударни инструменти.
После час и половина одлична атмосфера Рундек со познатата “Апокалипсо” го заврши концертот, но само за кратко. Цела публика во еден глас го повика Рундек и неговата “Екипа” на бис. Од гледалиштето се слушаа различни желби за песни кои Рундек сите ги исполни.
Ова беше уште една од ретките убави настани ова лето на кои публиката макар и со маски конечно можеше да се опушти и ужива после неколку месеци изолација и речиси никаква добра забава.
Не пропуштајте ја можноста вечерва да ги слушате Рундек и “Екипа” во Антички театар – Охрид. Билетите се достапни на avalon.mk, продажната мрежа на Авалон и на билетарата на Античкиот театар од 20 часот.
За Музика24 од Битола: Филип Етмишовски
Фото и Видео: Музика24/Агим Џело/Ивона Кочов


