Имам нешто да те прашам

Интервју на Музика24: Дарко Рундек (Фото)

Во организација на нашите пријатели од Авалон продукција, македонската публика вечерва во Битола и утре во Охрид ќе може да ужива во концертите на далеку познатиот Дарко Рундек. Некогашниот фронтмен на “Хаустор“, легендарниот new wave бенд од 90-те,  на неколку часа пред концертот во опуштена атмосфера со чаша вино во вино бар на Широк сокак за читателите на Музика24 зборуваше за својот нов албум, еколошкиот активизам, политиката во Хрватска и неговите гледишта за општественото уредување.

Музика24: Наскоро излегува Вашиот албум “Брисани простор“, кажете ми што подготвувате за Вашата публика?

Дарко Рундек: Тоа е албум на новиот бенд кој се вика “Рундек и Екипа“. На албумот ќе се види разликата со другите бендови со кои сум свирел. Имаме меѓусебна хемија која ќе се види на албумот “Брисани простор“ кој е двојно EP издание од два дела по 5 песни. Мислам дека бендот е навистина музички отворен со одлични музичари како Игор Павлица на труба, со кој соработувам уште од времето на “Хаустор“. Ана Ковачиќ на саксофон, интересно е што таа прв пат свиреше на проектот “Апокалипсо“ со кој одбележувавме 20 години кариера а, таа тогаш имаше токму 20 години. Ана сега има 22 години, свира повеќе инструменти и ќе запишува музичка академија. Миро Манојловиќ на ударни инструменти, на тапани е Силвио Бочиќ, а бас-гитара свири Роко Црниќ од бендот “Порто Морто“ за кој сум сигурен дека за кога-тогаш ќе настапува во Скопје или Битола.

Музика24: Дипломиравте театарска режија, се испробавте како актер а сега компонирате за филм и театар. На што работевте изминатиот период на ова поле?

Дарко Рундек: Последно работев музика за филмот “Сан Ремо“ кој сеуште немал премиера, бидејќи го завршивме пред околу 1 месец. Филмот е словенечки а, режисер е Мирослав Мандиќ од Сараево кој во последните 15 години живее во Љубљана. Филмот е за два старци болни од Алцхајмер во некој старски дом со идеални услови за нив. Иако не се сеќаваат ни што зборувале претходниот ден, помеѓу нив има некоја посебна врска. Многу убав филм.

Музика24: Ја користите Вашата слава и влијание за да привлечете внимание на еколошките проблеми. Дали има напредок на тоа поле? Дали успеавте да ја подигнете свеста на повисоко ниво?

Дарко Рундек: Сакам да се подигне свеста не само во Хрватска туку и во целиот свет. Често објавувам на социјалните мрежи разни содржини кои се доста гледани и според коментарите тоа допира до луѓето. Сметам дека секој кој има пристап до јавниот простор има одговорност да предупреди за овие појави, бидејќи особено сега се наоѓаме на крстопат за иднината на човештвото.

Музика24: Претходно имате изјавено дека сте монархист. Сметам дека веројатноста за обнова на монархијата е мала, но во кого Вие гледате мудар крал? Можеби во некоја од старите владеачки династии?

Дарко Рундек: Во право сте. Не е лесно да се возобнови кралско семејство кога ќе се изгуби континуитетот. Нас а верувам и Вас ве учеа во училиште дека секоја епоха носи нови гледишта на историјата. Сигурен сум дека демократско владеење и медиократијата неможат да донесат добри работи.

Музика24: Познато е дека не ве интересира политички ангажман. Изминативе години во Хрватска се повеќе музичари се политички активни. Дали верувате дека овие нови лица можат да донесат промени?

Дарко Рундек: Се надевам дека Мирослав Шкоро нема да донесе промени (се смее). А Кекин од “Хладно пиво“ од секогаш беше општествено активен. Но сметам дека тој влезе во политика само како подршка со неговите песни кои посочуваат некои општествени појави. Но генерално мислам дека ќе доведат промени.

Интервјуто го подготви: Филип Етмишовски

Можеби ќе ве интересира: