Екипата на Музика24 имаше привилегија на кратко пред концертот во Хераклеа, да се дружи со реномираниот хрватски пејач, Жељко Бебек и неговиот син Звонимир. Вчера вечер во придружба на својот бенд, во кој свири и неговиот син Звонимир, познатиот Жељко Бебек одржа концерт во античкиот театар на Хераклеа во Битола.
По тој повод пред концертот, Музика24, имаше ексклузивна можност да разговра со првиот вокал на легендарните “Бијело Дугме”, Жељко Бебек. Тој во најпознатата југословенска рок група на сите времиња, “Бијело Дугме”, остави посебен белег со дури шест албуми. Со тоа остана неприкосновен вокал иако после него поминаа уште двајца пејачи. Периодот во “Бијело Дугме” е неизбежна тема, па Жељко за Музика24 помеѓу останатото откри колку има вистина во приказната дека “Бијело Дугме” е државен проект на тогашните власти и тајната служба УДБА?!
“Апсолутно не. Измислица е било каква поврзаност на власта или УДБА во основањето на “Бијело дугме”. Ние бевме млади кои по примерот на западот се собравме да свириме и создаваме музика”, вели Жељко.
Познато е дека Бебек е еден од основачите на култниот бенд, во кој свиреше една деценија. Односно од 1974-та до 1984-та година, заклучно со шестиот албум “Успаванка за Радмилу М”. Радмила М. односно Радмила Микулиќ на која Горан Бреговиќ и ја посвети песната, а подоцна и албумот, многумина ја сметаат за кобна по легендарната група. Имајќи во предвид дека своевремено “Бијело Дугме” направија пауза од речиси една година поради заљубеноста на Бреговиќ во Радмила, а кратко потоа се распадна оргиналниот состав. Дали навистина Радмила М. беше кобна за “Бијело Дугме”?! Еве што вели за тоа Жељко Бебек:
“Ма не (се смее), тоа повеќе беше приватна работа на Бреговиќ, а никако директна причина за распадот. Јас ја напуштив групата поради несогласувањата со Горан“, категорично додава Бебек.
Заедно со Жељко, зад сцената разговаравме и со неговиот наследник, Звонимир Бебек. Звонимир е единствениот син нa Бебек, од неговиот трет брак. Звоне свири на гитара и настапува со својот татко веќе неколку години. Голема желба и на двајцата е дует, татко-син.
“Да, сакаме да снимиме заедничка песна, но има време. Звоне е млад и кариерата е пред него. Сега вредно работи секој ден e се подобар и подобар, стекнува доста искуство свирејќи со мене. Тоа му е одлична основа за идна музичка кариера”, вели Бебек за неговиот син Звонимир.
Го прашавме 18-годишниот Звонимир за училиштето, неговите планови за иднината, но и што татко му го советува за пороците, имајќи во предвид дека за рокерите важи фразата “секс, дрога, рокенрол”.
“Па не, не е за мене таа фраза (се смее). Јас учам во Рок академија во Загреб. Но паралено како дел од средното училиште имам и други предмети како информатика и математика. Рок академијата е различна од музичката академија, бидејќи таму се учи повеќе класична музика, а овде е повеќе насочено кон овој вид музика. Да младите и од Хрватска заминуваат во странство, но јас својата иднина ја гледам во Хрватска”, вели Звонимир Бебек во своето прво интервју за македонски медиум.
За Музика24 од Битола: Филип Етмишовски
