Како што дознава музичкиот портал Музика24, в очи големиот македонски државен празник 8ми септември, Денот на самостојноста на Република Македонија, македонската популарна и позната група Нокаут ќе оддржи голем целовечерен концерт заедно со своите добри пријатели.
Како што велат самите организатори, Нокаут и понатаму продолжува да ги оживува македонските антички локалитети.
После успешниот и емотивен концерт на Античкиот театар во Охрид, музичката магија ќе ја донесат и на сцената на Хераклеја во Битола.
Специјални гости на вечерта ќе бидат Игор Џамбазов, и рок легендата која со нив настапи и на Античкиот театар, Венко Серафимов.
Групата и организаторот од Продуцентската куќа “Сцена”, ја уверуваат публиката и пошироката јавност дека вечерта на концертот ќе бидат запазени сите мерки на претпазливост.
Билети во предпродажба можат да се набават во продажната мрежа на www.mktickets.mk.
