Фестивали

Пендаровски: „Веќе половина век „Златно славејче“ е дел од музичката лектира на најмладите“

По повод одржувањето на 50-то издание на детскиот фестивал „Златно Славејче“, претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски, како покровител на фестивалот упати порака по повод овој значаен јубилеј, посакувајќи им успех на сите учесници, во која истакна:

„Веќе половина век фестивалот „Златно славејче“ е  дел од музичката лектира на најмладите. Илјадници песни за деца беа промовирани на изданијата на фестивалот, а за многу наши музички ѕвезди значеше и почеток на музичката кариера. Хитовите компонирани и отпеани на „Златно Славејче“ се популарни до денес, а многу од возрасните ги паметат уште од своите детски денови.

Пандемијата на КОВИД-19 која ги зафаќа сите сфери на нашето живеење и сите сектори во општеството, влијаеше и на одржувањето на фестивалот, која е најстара и најомилена музичка манифестација за деца кај нас, со која растеа многу генерации. Иако годинава програмата е изменета и скратена, ме радува што фестивалот не потклекна и оваа година „Златно Славејче“ се одржува на отворено, во согласност со здравствените протоколи за заштита од ширењето на коронавирусот.

Како покровител на „Златно Славејче“ ќе продолжам да давам поддршка за развој на креативноста и талентот на најмладите. Негувајќи ги овие вредности, децата ќе израснат во квалитетни поединци со коишто како држава ќе се гордееме. Ви посакувам успешно издание на фестивалот, многу хитови и одлични настапи. 

Го честитам 50-годишниот јубилеј и посакувам фестивалот да живее уште многу децении“, напиша Пендаровски во својата честитка по повод одржувањето на 50-то издание на детскиот фестивал “Златно Славејче”.

Можеби ќе ве интересира: