Познатиот македонски бенд „Нокаут“ на прес конференцијата за промоција за спотот за песната „Сакам да живеам“, покрај песната го промовираа и новото лого кое ќе биде белег на следни проекти на бендот. Имено логото е дело на Андреј Марјановиќ, кој го дизајнираше и плакатот за познатиот документарен филм „Медена земја“.
„Ова е вистинско време да го освежиме нашето лого, да свртиме нова страница на нашиот бенд и сите наши наредни проекти ќе излезат со новото лого“, рече Пере на денешниот настан.
Покрај спотот и новото лого, денес беа најаваени и два поголеми проекти на овој музички состав. Имено на почетокот на 2021 година ќе биде промовиран четвртиот студиски албум на „Нокаут“ кој сега е во завршна фаза. Албумот ќе содржи 10 нумери помеѓу кои веќе објавените: „Номеври“, „Кога ме сакаш ти“, „Сакам да живеам“, а дел се сосема нови. Вториот голем проект е документарен филм со работен наслов „Би се викал Нокаут“, во режија на Владимир Митревски – Ѓуле.
„Тој заедно со неговата екипа последниве неколку месеци не следи секаде каде што одиме и лови интересни моменти од нашите настапи, проби, дружби. Во него ќе бидат вклучени и песните од новиот албум, кои се снимени во живо, само за потребите на документарецот. Ветуваме необичен видео документ со многу необична приказна. Ќе има и изјави на голем број наши соработници во текот на нашето 24-годишно опстојување на нашата македонска музичка сцена”, откри Никола Перевски на средбата со медиумите.
