Имам нешто да те прашам

Јан Стефановски: Популарноста навистина ми е на последно место (Интервју)

Специјализираниот македонски музички – Музика24 продолжува со серијата новогодишни интервјуа. Најновото интервју е со еден од најпросперитетните млади македонски тапанари и музичари – Јан Стефановски. Јан е скромен и популарноста му е на последно место, иако е син на еден од најпознатите македонски и балкански музичари, Влатко Стефановски. Талентот на Јан, кој веќе 2 години активно настапува низ земјава и регионот со Влатко Стефановски Трио, не останува незабележан насекаде каде што настапува. Во продолжение, прочитајте што вели Јан за настапите, љубовта кон тапаните, но и кои му се желбите и плановите за 2021-ва година.

Музика24: Како се чувствуваш кога доаѓа овој период од годината? Дали се радуваш како “мало дете” на целата предновогодишна и празнична атмосфера и еуфорија или пак сето тоа за тебе се само обични денови во кои малку повеќе се одмараме, забавуваме и поминуваме време со најблиските ?

Јан Стефановски: Обично овој период кога доаѓа и не сум баш најголем ентузијаста. Ладното време, сивото небо и кратките денови никогаш не сум ги сакал, а, сега, кога се во комбинација со секојдневниот стрес од скорешната светска пандемија, едвај чекам да дојдат барем потопли и поведри денови.

Музика24: Имајќи ги во предвид околносите, како планираш да ја испратиш 2020-та, а како ќе ја дочекаш Новата 2021-ва година ?

Јан Стефановски: Најголемиот приоритет сега ни е здравјето. Во 2021 година НАЈПРВО планирам да останам здрав и жив, сѐ друго ќе дојде самото.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова и да се надеваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се твоите ланови и желби за Новата 2021-ва година? Што би сакал да ти се оствари на професионален или приватен план?

Јан Стефановски: Како што спомнав и во претходниот одговор, пред сѐ би сакал да останам здрав и жив, а, инаку, би сакал летото да одам на долг, освежителен одмор, да ми оди добро на факултет, да свирам поактивно и почесто, да поминам убави моменти со моите блиски, да се надградувам себеси и да бидам подготвен за соочување со сите животни предизвици.

Музика24: Колку настапите со Влатко ти го сменија секојдневието? Како на тебе влијае популарноста? Претпоставувам популарноста ти донесе многу обожавателки, дали ти смета или ти годи сето тоа?

Јан Стефановски: Настапите со татко ми пред сѐ ми причинуваат огромно задоволство, бидејќи чувствувам еден вид на подлабинска конекција со композициите кои татко ми ги има напишано, отсвирено и изведувано во неговата долга, густа кариера. Не сакам да звучам лажно скромен, но, популарноста навистина ми е на последно место и никогаш главните цели не ми биле да по секоја цена се истакнам над другите. Верувам дека како што проаѓа времето, нивото на популарност кое е соодветно за мене, само ќе си дојде.

Музика24: Влатко е познат по гитарата, а ти се посвети на тапаните. Од кога се појави тој интерес? Дали планираш да останеш на тапани или можеби имаш аспирации како вокал или гитарист? 

Јан Стефановски: Мојата љубов за тапаните верувам дека е генетска и дека е вродена. Паметам уште кога бев многу, многу мал дека единствениот инструмент кои вистински ме воодушевуваше беа токму тапаните. Убаво се сеќавам дека кога татко ми правеше проби во нашето домашно студио, јас константно ѕверев во тапанарот, едноставно имаше нешто на потсвесно ниво што ме освои. За други инструменти, сега за сега, немам големи амбиции.

Музика24: Што студираш и какви ти се плановите за иднината (во земјава или странство/како музичар или др.професија)?

Јан Стефановски: Моментално студирам на Музичката Академија во Штип. Сега за сега немам чиста или јасна слика за што или како ќе правам во иднината. Единствено знам дека со тапаните ќе терам до крај, а, во меѓувреме, што ми пружи животот, со тоа ќе се носам.

Музика24: Кој според тебе кој албум, видеоспот или песна ја одбележа 2020-та година која што тебе ти остави најголем впечаток?

Јан Стефановски: Албумот “Тафталиџе Шафл” кои го снимавме со татко ми и со басистот Иван Кукиќ низ течението на годинава ми остави најголем впечаток. Тоа за мене беше првиот студиски албум на кој “професионално” свирев и ми претставува огромно задоволство и среќа знаејќи дека сум имал придонес во реализирањето на еден многу убав, музикален, автентичен и уникатен проект.

Музика24: За крај на ова наше новогодишно интервју, што би им посакал на обожавателите и читателите на музичкиот портал Музика24?

Јан Стефановски: На сите им посакувам добро здравје, многу успеси во новата година, среќа, добро расположение, мотивација, ентузијазам и многу позитива!

Интервјуто го подготви: Филип Етмишовски

Можеби ќе ве интересира: