Имам нешто да те прашам

Каде, со кого и како познатите ќе го прослават 1-ви мај – Денот на трудот?

Веќе е 1-ви мај, денот кој може слободно да кажеме дека со душа го чекавме да се одмориме и да излеземе од дома со некој повод, да се исклучиме и да заборавиме на секојдневието и се разбира барем малку да се забавуваме. Додека некои од вас се подготвуваат за пикниг или веќе се некаде на некое мирно место и не читаат преку својот лап-топ или мобилен, ние од музичкиот портал Музика24 деновиве вредно работевме и од дел од познатите јавни фаци во Македонија добивме одговор, а поставивме само едно прашање, со кого, каде и на кој начин ќе го прослават оваа година празникот 1-ви мај – Ден на трудот. А што ни одговорија тие… прочитајте во продолжение:

Лидија Кочовска (поп пејачка): Први мај ќе го поминам апсолутно работно, во тек се последните подготовки и проби за отворање на “Мајските оперски вечери”, па така скоро секоја година на 1-ви мај ми е работен ден.

Васко Павлевски (менаџер во “Горила продукција”): Ќе одам на шетање во вила кај еден од моите другари. Таму се собираме седум-осум пати изминативе неколку години и од година во година се подобро поминуваме откако липата во неговиот двор порасна, па така сега има одлична природна сенка што е добар повод за мало претерување и мотив да се остане ден плус. Во секој случај секогаш за 1-ви мај имаме одличен провод, во оваа прилика сакам да ги поздравам моите другарки и другари од детство со кои наназад 15 години го прославуваме овој ден: Јово, Миле, Темел, Бојан… од оваа година и Дади. Артистите од “Горила” денешниот ден си го прославуваат во сопствена режија.

Бојан Велевски (актер и стенд-ап комичар): Први мај?! Дома со компјутерот, филмовите, football manager-от – моментално го водам BIRMINGEM CITY 5-та сезона и имам шанси да освојам ПРЕМИЕР ЛИГА и планирам за мајов да прославам :), а вечерта на кејот кај мене у Аеродром мора да се истрча задолжителната норма. Сите се гојат, а ја набивам кондиција, абе пустото контра да било, шо викаше мојот професор Кирил Ристоски.

Сузана Турунџиева (поп пејачка и тв водител): Први мај ќе го одбележиме во Скопје, во дворот на нашите блиски пријатели… традиционално, со скара, пивце и секако многу музика!

Ивана Илиевска (водител во тв Алфа): Со оглед на динамичното темпо на живот, како и професијата која тоа ми го наложува, обично ваквиот празник сакам да го поминам на помирно место, некаде, каде вистински ќе го почувствувам допирот со природата, далеку од градскиот метеж, а во друштво со најблиските пријатели со кои и релаксацијата, но и забавата е загарантирана. Сигурно е дека тоа ќе биде уживање во селска идила.

Петар Ацев (новинар во лајф магазинот “24 Ексклузив”): За први мај би сакал да бидам на протест за правата на сите оние вработени и невработени кои ќе уживаат под дебела ладовина со пиво и скара. За жал поради обавезите со “24 Ексклузив” остануваме во студио Троика да ја создаваме новата слика за јавната сцена која ја посакуваме. За жал, додека цел нормален свет се подготвува за масовни протести и штрајкови за работничките права, кај нас се спремаат договори за пиво и скара и за локацијата на парцелата каде што ќе се слави трудот и работата. За иронијата да биде поголема кај нас празникот на трудот и работата воглавно го слават невработени!

Рубин Благадуша (фолк пејач): За први мај ќе бидам во Македонски Брод заедно со моите пријатели и моето семејство сопругата Васе, синот Стефан и ќеркичката Михаела.

Иле Здравев (гитарист во “No End”): Први мај ќе го прославам со моите најблиски, другарите, како и лани и оваа година локацијата ни е мојот двор, со скара, пиво и нормално гитара 🙂

Никола Трагачевски – Кумба (актер во “Солзи и смеа”): Без разлика каде, секогаш гледам да биде со добро друштво и добра скара. За први сум посебно среќен поради тоа што ќе бидам на едно мое омилено место каде не сум бил со години, па знам дека ќе се опуштам 100% и ќе си поминам убаво. Не треба многу за да бидеш среќен на 1-ви мај освен шпил карти, алкохол, добра екипа и еден куп апчиња против алергија од полен, и тоа е тоа. И за крај сакам да завршам со една моја песна посветна за први мај… ДримКаст – “Ова е рај”.

Даниел Јовески (продуцент и режисер во “Sustain Entertainment”): Во главно ке бидеме во природа со петнаесетина мои блиски пријатели, релаксирано 100%, со јадење и пиење, ќе свириме на гитари цел ден и секој од моите пријателите ќе искористи гага албум со професионални фотографии 🙂

Како што вели еден од нашите соговорници, не е битно каде сте, секогаш битно е со кого сте и се разбира, никогаш не ја заборавајте скарата и пиењето, бидејќи иако тоа и не е некоја основа за добар провод, но секако е добар лек за празниот стомак 🙂 Ви посакуваме убав помин небитно дали сте на работа или на некоја полјанка и секако, прекрасно поминат сончев ден. Среќен 1-ви мај!

Подготви: Марија Поповска

Можеби ќе ве интересира: