Некои можеби од Вас се сеќаваат на неговата прва песна “Радован” кој што тој ја сними на свои 16 години, односно во фебруари 2005-та. Тоа всушност беше и првата негова песна во Македонија. Денес ретко кој се сеќава на него, бидејќи веќе неколку години живее и студира во Франција, каде на свои 24 години живее сам, се грижи сам за себе, учи, се образува и надоградува како и наоѓа време за втората негова љубов – ватерполото. Не мора да погодувате, станува збор за младиот Божин Спирковски кај нас познат уште како Seine92 , македонец кој што својата иднина ја гледа како адвокат, и покрај тоа што неговата прва љубов е музиката односно рапот.
Како тој, односно македонците во Франција го прославуваат големиот христијански празник Велигден, дали сеуште се бави со рап музика, што и како работи во Париз… дознајте во продолжение на интервјуто кое Музика24 го подготви за Вас.
Музика24: Како и на кој начин македонците кои што живеат и работат во Франција го прославуваат големиот христијански православен празник Велигден?
Божин: Еден дел од нашите Велигден го слават во импровизирана црква, стан кои го нарекуваат македонска црква, бидејќи сеуште немаме официјална македонска црква во Франција, а другиот дел од македонците одат во руската црква и го слават заедно со останатите христијани. Инаку во принцип, обичаите се сосема исти, вапцаме јајца, се кршиме… сите македонски традиции и адети и тука се почитуваат и применуваат.
Музика24: Како Божин оваа година ќе го прослави Велигден, дали си можеби на велигденски пост или секојдневните обврски не ти го дозволуваат тоа?
Божин: Искрено, јас сум секој ден на пост и строго внимавам на исхраната, од други причини, инаку оваа година Велигденските празници ќе ги поминам и прославам со мајками и еден пријател од факултет кој исто така е македонец.
Музика24: Божин Спирковски или во Македонија во 2005-та беше познат како Seine92, кажи ни се појави и направи мал бум на македонската музичка сцена, со оглед дека и кратко траеше сето тоа. Зад себе имаш неколку рап композиции, зошто се повлече знаејќи дека почнуваш да стануваш се повеќе и повеќе популарен?
Божин: Во Македонија живеев само две ипол години, односно до моментот кога го завршив средното училиште, веднаш потоа се преселив во Франција каде што започнав со студии, со други зборови морав да изберам меѓу правото и рапот, а тие две професии не се компатибилни.
Музика24: Да, но зошто токму Франција како земја каде би го продолжил твоето образование?
Божин: Тука живеам од мал. Се вратив во Македонија, бидејќи моите се вратија, а јас имав само 15 години. Така почекав две ипол години за да станам полнолетен и повторно да се вратам тука во Франција, додека моите останаа и сеуште живеат во Македонија. Но еден ден, можеби пак ќе се вратам.
Музика24: Студираш право, кажи ни која е разликата помеѓу школувањето, односно образовниот систем во Франција и нашиот во Македонија?
Божин: Имам колега кој што студира право тука во Франција, но сега се пресели во Македонија и од она што тој го вели, разликите се енормни. Се она што се учи е само од теоретски аспект и многу малку практика, додека тука студиите се многу поинаку поставени, веќе од прва година решаваш случаеви и анализираш пресуди од Врховниот суд. Пристапот е многу различен и степенот на сериозност е многу повисок.
Музика24: Како се забавуваш во Франција? На кој степен е нивниот ноќен живот и имаш ли време да имаш социјален живот со оглед на тоа дека фалкутетските обврски се навистина големи?
Божин: Од првиот ден како ќе започне студентската година, до последниот ден сум како во “затвор”. Нема Нова година, нема Велигденски празници… но затоа останатите 4 месеци се одморам, излегувам, се дружам така да не би можел да зборувам нешто посебно за социјалниот живот во Франција, бидејќи излегувам пет до десет пати годишно додека трае факултетот. Но затоа, летното време надокнадувам и за разлика од моите колеги кои продолжуваат да работат и да стажираат по адвокатските канцеларии, јас се одморам.
Музика24: Освен студиите, како го поминуваш еден обичен ден. Имаш ли време за нешто повеќе или сепак обврски се обврски?
Божин: На факултетот часовите ми започнуваат во 9 часот наутро се до 21 часот навечер, веднаш потоа одам на тренинг до 22.30 (тренирам ватерполо веќе 7 години, претходно пливање 12 години), така со овој дневен распоред немам ниту време за работа, ниту пак било кои други активности.
Музика24: Освен сегашната преокупација, секојдневни обврски… дали некогаш си размислувал повторно да се вратиш на рап музиката или твојот музички камбек би бил на некој друг музчки правец (поп музика, балади…)?
Божин: Ако некогаш би се вратил на музиката, тоа секако повторно би бил рапот. Тоа е музиката што најдобро знам да ја правам и што ја сакам. Тоа што некои наши ѕвезди преоѓаат од рапери во рокери, па во реге и на крај во поп… за мене тоа навистина е неразбирливо. Но, како и да е, многу се мали шансите да се вратам некогаш на музиката, сега засега тоа е само хоби. Свирам и пеам по дома, малку на гитара, малку на пијано, но само за своја душа.
Музика24: Дали можеби дома на твојот компјутер од тоа време имаш демо снимки, песни кои си сакал, а не си можел или некоја друга причина не излегле во јавоста?
Божин: Демо снимки имам многу. Најдобите песни не се снимени, односно никогаш не излегле во јавност. Но таа приказна мораше да заврши, прво поради тоа што сега за занимавам со струка која бара сериозност, а второ од рапот во Македонија не се живее, еден ден сепак ќе треба да хранам семејство.
Музика24: И како за крај на ова наше кратко интервју, што би им посакал на читателите на Музика24 како и на сите оние твои пријатели, познаници и сите оние кои што на овој или оној начин те познаваат во Македонија?
Божин: Слушајте музика, бидејќи музиката е храна за душата, а велигденските празници поминете ги со најблиските и најсаканите. Поздрав!
Интервјуто го подготви: Марија Поповска
