Традиционално по трети пат годинава ќе се одржи фолк фестивалот “Спасовден”, фестивал на народни препеани песни. Оваа година новост е тоа што половина песни ќе бидат новокомпонирани и се разбира секоја песна го ќе има задржано оној чист македонски звук. На фестивалот оваа година ќе земат учество и фолк изведувачи кои за првпат ќе настапуваат како што се: Наум Петрески, Анета и групата Молика, Евто Пупиновски, Сузана Гавазова, Чуле и Дрим тим, Новица Василевски ,Татјана Лазаревска, Елена Јовчевска, Сања Петковска, Јуле, Елена и др. Но да не заборавиме да споменеме дека тука се и учесниците кои по втор или трет пат ќе земат учество, а меѓу нив се: Даниела Темелковска, Анета Наковска, Тања Јовановска, Маестрал, Фаворити, Гашо и др.
Музика24 дознава дека вкупно учесници кои досега се имаат пријавено ја надминува бројката над 50 изведувачи, но за жал ќе настапат само 30-на. Фестивалот и оваа година ќе се одржи на фудбалскиот стадион во охридската населба Лескоец, а како и секоја година досега, така и оваа се очекува голем број на публика и исполнети седишта на трибините. Фолк фестивалот “Спасовден” оваа година ќе го отвори новиот градоначалник на општина Охрид, господинот Никола Бакрачески кој е всушност и покровител на овогодинешното издание на фолк фест “Спасовден”. А организаторите најавуваат голема забава и по фестивалот, односно голема афтер парти во еден од охридските хотели.
И оваа година, трет пат по ред, фестивалот ќе се снима и емитува на единствената музичка македонска телевизија во Австралија ИН тв, а истиот ќе се реемитува на сателитските и локални тв станици во Македонија.

