Во саботата, 29 јуни во “Check In Cafe” уживавме во дружењето со Марко (Logout) кој не разнежни, сподели многу позитивна енергија и силни вибрации преку љубовните песни. Бидејќи не присуствуваме на неговата промоција за првенчето, иако имавме отворена покана, во тој момент добивме можност да поразговараме со него.
Музика24: Сите те препознаваат по препевот на песната “За нас” од Брејк. Кажи ми дали тоа беше пресудно за отворање многу врати и започнување кариера, со оглед на тоа дека видеото има над 350.000 прегледи? Многу високо котираш, што би значело дека на луѓето тоа им се допаѓа!
Марко: Па можам да ти кажам дека многу ми помогна, пред се, ми даде една голема подршка од самите луѓе и самата публика што премногу ја слушаат или премногу им е драга песната. Секаде каде што одиме да настапуваме, слушаме коментари од типот: “Браво, секоја чест за Брејк, секоја чест за Владо”. Доаѓаш до степен, кога секој нареден пат уште поубаво звучи кога ќе отидеш да пееш. Тотално случајно излезе самата приказна. Тоа беше моја многу омилена песна која ја слушав пред многу години.
Музика24: И наша…
Марко: Да? Случајно ја слушав и ми фати уво и си викам дома: “Дај да пробам на гитара да ја засвирам” и кога ја засвирев сфатив дека е невозможно…
Музика24: Дека ти лежи…?
Марко: …Да, невозможно колку убаво ми лежи. Ќе отидам во парк ја свирам, дома ја свирам, кај другари ја свирам. Многу добар другар, воедно и монтажер на нашиот спот, Гордан Божиновски ми вика: “Еј Марко мораш да ја снимиш, ајде да ја снимиме”. Во Токсикологија ја снимивме песната и најубави и најпозитивни коментари имав за песната и многу ми е драго што заврши целава приказна, т.е. не е ни завршена, туку уште трае. Зборуваме за 350.000, јас искрено немам време ни да отворам да видам колку пати е погледано видеото…
Музика24: Еве до денес има точно 351314…
Марко: Браво, дали веруваш дека последнава недела сме толку преблокирани со свирки, доста сме тражени, што ме радува.
Музика24: Токму тоа ми е наредново прашање. Бидејќи сте присутни насекаде, низ цела Македонија по свирки, која е најдобра публика?
Марко: Публиката за да стане верна мора да ја задоволиш, да го дадеш максимумот од себе, да вложиш, за да ти се врати. Секаде публиката е гласна, но најбројна е во Битола.
Музика24: Во градењето своја кариера, оставање свој белег на музичкава сцена во план ли ти е да направиш преработки на други наши песни?
Марко: Па јас го имав истово прашање во едно радио и баш имам дадено еден одговор кој би сакал ако може да го повторам…
Музика: Слободно!
Марко: Јас искрено не сум планирал веќе да правам cover песни, меѓутоа, не кажувам никогаш дека веќе нема да ги правам. Јас едноставно уживам во пеењето…
Музика24: Добро, тоа во последно време е ко тренд за промовирање на себе.
Марко: Се согласувам, може да се каже, можеби убаво е да се започне со некој cover како промоција на самиот пејач, ама сум кажал дека е многу поубаво да имаш своја кариера, своја песна, се е подруго, друга енергија. Ние извадивме нова песна скоро пред три недели и веќе си артист.
Музика24: Пред да ни кажеш за својата нова песна, би те запрашале за првото видео што го видовме, се познава дека имаш претходно искуство, некако си сигурен во себе и добро функционираш. Кога беше твојата прва свирка, се сеќаваш ли?
Марко: Сега ќе ви кажам најискрено цела приказна е многу интересна, зошто јас никогаш во мојот живот немав свирено гитара. Кога се преселив тука пред шест-седум години, имав една гитара од вујко ми која стоеше така и фаќаше прашина, а јас тогаш немав многу познаници, другари и од што немав што да правам и ми беше многу досадно, па ајде пробав да свирам, нешто да научам. Имав апликација на телефонот многу смешна, како да држиш прст на кој акорд и така се започна, многу хумористично. Некој кога би гледал од страна сигурно се смеел. И тогаш се запознав со Сале, со дечкото со кој свириме и ден денес и со Александар, мој добар другар. Се запознавме во парк, тие свиреа и јас доаѓам и слушав и земав да пробам, се согласивме и така целава работа почна. Прв бенд направивме пред околу три-четири години.
Музика24: Името на бендот, ако би сакал, да ни го откриеш?
Марко: “For real” се викавме и интересно беше што функциониравме три месеци. Направивме една свирка, втора и после трета се растуривме, зошто имавме многу обврски и не можевме да успееме во тоа. Ни беше жал, но и ден денес сме во многу добри односи сите. Тргнавме со идејата, кариера да правиме. Прва свирка ни беше “By the way” во Скопје, Црниче, не сум сигурен, ама мислам дека беше прва или меѓу првите.
Музика24: Профитот од првата свирка?
Марко: Профит немавме никогаш!
Музика24: Никаков?!
Марко: Не, никаков. Муабетов беше: “Дај пробајте, уште сте никој и ништо. Пробајте реално да видеме ако сте добри и ако фати уво, ќе почнете од другата недела редовно”. На крај не излезе ништо од тоа, впрочем, така функционираат кај нас работите. Одговорот беше: “Фала многу, ајде се гледаме, ќе се слушнеме за да потврдиме”.
Музика24: Ние сме Балкан, ти доаѓаш од Србија, кажи ми што мислиш потешко е да се промовираш и пробиеш тука, сепак поголемиот дел на музичкава сцена за сите овие години што живееш ги познаваш или сепак потешко е таму во Србија?
Марко: Ова ти е многу занимливо прашање, морам да ти признаам. Во Македонија е многу полесно да се промовираш, зошто реално е многу помала држава. 2 милиона народ, едноставно многу полесно е да најдеш комуникации од луѓе кои можат да ти помогнат да снимиш песна. Јас потекнувам од мал град во Србија. Крушевац е мал град, да речеме ко Битола на пример со 120 илјади жители. Не знам, на пример јас да сум останал таму, можеби и никогаш не би знаел дека можам да свирам и пејам, но мислам дека сигурно е полесно во Македонија зошто е помал кругот на луѓе со кој можеш да си направиш муабет. Во Србија да земеме еден Белград со 2 милиони жители е многу потешко, да дојдам, да кажам: “Еве јас свирам и пејам, ајде најдете ми студио и колку треба пари за да снимам”. Малку е покомплицирано. Од друга страна, има многу поголем пазар, каде што на многу повеќе луѓе може да им се бендиса она што ти го работиш. Јас сум искрено најсреќен тука, се преселив, тука живеам, си запознав свој круг на луѓе.
Музика24: Имаш обожаватели еден тон…
Марко: Да, имам и баш ми е мило и не се трудиме да мениме репертоар и песни зошто едноставно не препознаваат, песните сакат да ги пеат, не се некои веќе досадни и препеани.
Музика24: Кога сме веќе кај репертоарот, која песна ти е омилена, без која една свирка не може да ја замислиш?
Марко: Брејк…
Музика24: Се подразбира, но покрај таа песна?
Марко: Освен таа, странска “Wicked Game” е една од моите најомилени, “Give me one reason”, бидејќи ја пеам убаво и уживам додека ја пеам, а од наши песни, не знам ги има многу.
Музика24: Некаде прочитавме дека ја пееш “Признавам” од Марјана и Росана која воедно е испеана на “Макфест”.
Марко: Јас немам ни време да ја пеам таа песна, зошто само што ќе почнам и веќе ја пејат сите и јас само велам: “Ајде колку можеме да бидеме најгласни вечерва”. Од сите присутни можеби само дестина не пеат, кои воедно не се дојдени особено за таа свирка, туку општо за да излезат во град и да ги видат.
Музика24: Можеби, па и сите тие немаат талент за пеење.
Марко: Во право си.
Музика24: Го споменавме “Макфест”, знаеш дека се одржува во Штип фестивалот, мислиш ли дека и тој начин е добар за промоција, за градење кариера и посебно тебе дали ти се предизвик фестивалите, би сакал ли да се појавиш да речеме догодина на таа сцена?
Марко: На фестивалите гледам поинаку, не знам зошто, можеби тоа е моја филозофија, мене фестивалот не ми е промоција на артистот, туку на една многу квалитетна песна со која треба да се запознае една цела држава, зошто “Макфест” е ептен слушан фестивал, пратат за него, го гледаат и од страна и по радија песните се IN во моментов, посебно ако збориме за победничка. Таа без сомнение е хит на сите радија, врв, N1 на топ листи. Јас не сум кажал дека нема да излезам на фестивал, поради тоа што веќе имам една сопствена песна која не ја гледам на друга промоција и едвај чекам да ја промовирам, тоа е воедно и моја прва песна која ја напишав на македонски јазик. Тоа може само да ми донесе еден плус во животот. Не е важно дали сте победиле или не, тоа е сепак многу убаво искуство и би сакал да настапам на повеќе фестивали и после 30 години на своите деца да кажам: “Еве што има вашиот татко направено”.
Музика24: Би сакале да те прашаме за твојата нова песна, за која направи и видео запис. Тоа е песната “Без тебе не можам”. Скоро имаше промоција, каде се одржа истата, со кого соработуваше и дали песната има некаква приказна?
Марко: На Кирил Трајковски Максим е оргиналната песна со текст и музика. Но, тој не сакаше да се меша, па дадовме друг да направи музика. Се одлучивме Нино Васков да биде задолжен за музика и аранжман, текстот и режијата е на Кирил, напоменавме дека Гордан Божиновски монтирал спот.
Музика24: Нина Јанева има снимено вокали?
Марко: Да, моја многу добра и драга пријателка, која всушност многу ни помогна песната да добие поинаква димензија. Песната има приказна премногу љубовна, има премногу емоции. Прв пат кога ми ја отсвири Кире, ми се допадна, а тој рече: “Ова мораш ти да го отпееш, нема друг, само ти можеш да го изнесеш ко што треба” и реков:”Зошто да не” и воедно се воодушевив од прво слушање. Промоцијата беше во летен клуб “Хавана” во Скопје и многу убаво беше. Промоција од затворен тип.
Музика24: За новинари и пријатели?
Марко: Па да, за новинари, моите домашни и поблиски луѓе и пријатели.
Музика24: Оние кои искрено те подржуваат во се. Да те прашаме уште за идните планови, албум наскоро ќе има ли?
Марко: Па планирам да пуштам уште една песна на почетокот на есента. Не можам со сигурност да тврдам дека нема да биде cover, не можам ни да тврдам дека нема да биде моја песна. Имаме многу работи кои сакаме да ги снимиме, многу планови, па не знам на што попрво ќе му дојде редот. Но, во секој случај сакам во декември да одиме со уште нешто ново и во март исто така и после да промовираме албум, зошто да не!
Музика24: Ние ќе сме во исчекување. За крај, само да те прашаме кои се поубави девојки македонките или србинките? БЕЗ ПРИСТРАСНОСТ!
Марко: Не, не, нема пристрасност, јас сум тука веќе седум години и тука сум со семејството, тука ми е домот и тука пуштив корења. Многу ми е убаво, така да кои се поубави, јас би рекол дека сме многу убав народ, општо сите од тој екс ју простор и не би можел да се одлучам, искрено, сега само ќе кажам дека сме најдобри и дека никаде во светов нема поубав народ од нас.
Музика24: Ти благодариме Марче за преубавиот разговор и се надеваме ќе се видиме во некоја наредна прилика, можеби и на “Макфест”.
Марко: Зошто да не! Ви благодарам на Вас и на Вашата музичка редакција и поздрав до сите читатели!
*Благодарност до “Check In Caffe”, “Nova Caffe” и порталот Vo Stip кој ни помогна преку фотографиите да Ви ја доловиме атмосферата.
Интервјуто го подготви: Редакција Музика24
