Премиера

МУЗИКА ВО КНИГА: „Калифорнија блуз“ – Милан Оклопџиќ

После долго време, во рубриката „Музика во книга“ ви претставуваме еден роман. Оваа среда, тоа е романот „Калифорнија блуз“ од првиот српски урбан писател, Милан Оклопџиќ. Тој својот престој во Америка го опишал како патување низ таканаречената земја од соништата и сеќавање на времето поминато на Западниот Брег.

Ова е роман што на многу начини претставува вистински книжевен настан, урнебесна „ода“ на златната митоманија на тогашното „свето тројство“ (секс, дрога и рокенрол), „ода“ на морбидниот и девијантен свет на „ветената“ Америка, напишан со филмска камера и сниман со обична машина за пишување под калифорниското сонце во друштво на бесмртните Хендрикс, Ферлингети, Корија итн. „Калифорнија блуз“ оставил длабок белег во растењето на многумина што го разбираат животот од една друга гледна точка и што не се двоумеле доброволно да се предадат на заводливата лековерност заради свое спасение.

Милан Оклопџиќ (1947-2007), беше српски писател, попознат под прекарот Мика Оклоп. На книжевната сцена се појави во 1981-ва година токму со овој роман, кој веќе во тоа време го доби епитетот на култно книжевно достигнување меѓу читателите, не само во областа на поранешна Југославија, туку и во целиот регион. Во средината на 90-тите години, тој финално се пресели со своето семејство во пацифичкиот град Калифорнија, каде и почина во 2007-ма година.

За сите љубители на романите, книгата е достапна за нарачка на веб-страницата на „Полица“ и во нивната продажна мрежа ширум земјава.

Можеби ќе ве интересира: