Овој четврток со почеток во 20 часот, со концертот насловен „Данте“, Македонската филхармонија ја заокружува оваа концертна сезона. На последниот концерт во официјалниот дел од сезоната ќе бидат изведени дела од Фомин, Лист и Пачини, а солист е пијанистот Андреј Гугнин од Русија. Оркестарот ќе го води Габриел Бебешелеа, шеф диригент на Македонската филхармонија.
Рускиот пијанист Андреј Гугнин е исклучителен уметник и виртуозен изведувач кој поседува разновидна и префинета техника која и служи на неговата исклучителна музичка имагинација. Во 2020 година, ја доби наградата на магазинот на „Би-Би-Си“ за најдобра изведба на Шостакович за неговата изведба на неговите 24 прелудиуми и Сонатите за пијано бр.1 и 2. Откако ја добива првата наградата на престижниот натпревар во Сиднеј во 2016 година, Гугнин постојано концертира на светските сцени со најдобрите оркестари и диригенти. Настапувал како солист со Лондоскиот филхармониски оркестар, со Марински симфониски оркестар, со Холандскиот симфониски оркестар, под диригентската палка на исклучителни диригенти како маестро Валери Гергиев, Јап Ван Зведен, Даниел Рајскин, Станислав Кочановски, Ашер Фиш итн.
Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонија. Неговата репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите.
