Имам нешто да те прашам

Александра Јанева: Сите посакуваме Новата година да биде подобра од претходната (Фото+Видео)

Родена е во Струмица на 25-ти мај во 1995-та година. Таа е позната македонска поп пејачка, со голем број хитови зад себе. Победник е на музичкото шоу „Сите наши песни“ во 2013 година и на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ во 2013 и 2016 година. Досега има одржано неколку солистички концерти, а и реализирано многу соработки со познати музички имиња од македонската забавна сцена. Во 2019-та година е дел од евровизискиот тим како пратечки вокал на Тамара Тодевска. А само пред неколку месеци, поточно на 18-ти септември ја издава емотивната балада “Денот што ни носи”.

Да, веројатно претпоставувате, тоа е нашата позната и препознатлива Александра Јанева. И таа со задоволство го прифати учеството во нашиот новогодишен серијал на интервјуа.

Што таа ни одговори на нашите новогодишни прашања, прочитајте во продолжение…

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири,  ковид вакцинацијата, сертификатите… По што ти лично ќе ја паметиш оваа 2021 година?

Александра Јанева: Годинава отворив ново музичко поглавје. После две години од албумот, се вратив на сцената со нова музика и најавив отпочнување на соработка со мојот омилен композитор – Лазар Цветкоски. Веќе извесно време работиме заедно, но ете токму во 2021-ва одлучивме да и покажеме на публиката што сме создале, каква била нашата инспирација и енергија во студио. Првата заедничка песна е “Денот што ни носи” , а следуваат уште многу други интересни музички парчиња до крајот на оваа и следната година.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е твојот избор од она што беше понудено?

Александра Јанева: Не би се сложила дека немавме богата музичка продукција, напротив мислам беше во експанзија во однос на  изминатите неколку години. Има сигурно 20-тина песни кои ми се ставени во плејлиста на телефон, но ако пресудам според тоа која песна ми оставила најголем впечаток на прво слушање, тогаш ќе кажам ,,Порок” на Тамара Тодевска. 

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој се прославува на различен начин. Лично како посакакуваш да ја дочекаш новата 2022 година?

Александра Јанева: Вообичаено Новата година ја прославувам работно, со пеење. Преку пренесување енергија и позитива на публиката најубаво ја доживувам празничната еуфорија. Изминативе неколку години за новогодишната вечер пеев низ повеќе градови во Македонија, но Новата 2022 на мое огромно задоволство ќе ја прославам во родниот град, ќе пеам во Струмица и ќе празнувам со своите најблиски. Се разбира ако условите и мерките тоа го дозволуваат.

Музика24: Кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имаш добиено или можеби подарено?

Александра Јанева: Знам да смислам креативни подароци, но никогаш толку креативни како оние кои ги имам добиено од фанови. Имам еден многу драг новогодишен подарок – целосно рачно изработена дрвена новогодишна елка со лампиони на кои се испишани пораки посветени на мене.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствуваш таа празнична еуфорија и колку умее да те понесе?

Александра Јанева: Ми се чини дека во тој период секој од нас заборава на проблемите и тешките околности и најискрено посакува и очекува Новата година да биде подобра од претходната. Тогаш на сите ни е најважно да ни биде топол домот, полна трпезата… обрнуваме повеќе внимание на луѓето што ги сакаме, но и на себе. Возбудени сме, среќни и душата ни е на место.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се твоите желби за Новата 2022 година?

Александра Јанева: Посакувам да сме посреќни, послободни и поспокојни годинава. И нека има музика, насекаде околу нас, да не’ теши, разведрува и да ни го разубавува денот.

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатила до твоите фанови и читателите на музичкиот портал Музика24?

Александра Јанева: Да си дадеме малку повеќе љубов и внимание на самите себе. Се` ќе биде подобро ако сме ние добри.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: