Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ донесе одлука за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2021 година за највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Северна Македонија, соопштија од Министерството за култура. Пијанистката и професорка м-р Снежана Анастасова Чадиковска е добитник во областа на културата и уметноста. Во истата област наградени се и: Јован Павловски – писател и Елена Дончева – академски сликар и костимограф.
Наградата ќе им биде врачена на добитниците на 8 декември 2021 година (среда) во 12 часот, во Свечената сала на Собранието на Република Македонија.
Снежана Чадиковска – Анастасова е родена 1950 година во Скопје. Својот прв настап на концертниот подиум го бележи во 1972 година и оттогаш е постојано присутна на македонската музичка сцена. До 1984 година е претежно солист, а потоа и пијано-придружник на голем број македонски и странски музички уметници. Има настапувано во многу музички центри во Македонија. Работела како професор во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Неколкупати била селектор на музичкиот дел на програмата на фестивалот Охридско лето.
