Имам нешто да те прашам

Душко Георѓиевски: Секој човек во себе крие едно големо дете (Фото+Видео)

Тој е познат македонски фолк пејач. Зад себе има голем број хитови кои се паметат и пејат. Својата 25 годишна кариера ја гради студиозно и темелно, песна по песна, во соработка со врвни македонски автори. Неговата музика е одраз на вековната певлива македонска фолк традиција, во која извираат лирски, емотивни, љубовни и родољубиви мотиви. Досега има отпеано и снимено повеќе од 150 песни, во продукција на МРТВ, како и најголем дел во приватна продуцкија, од кои повеќето се фестивалски песни, а многу од нив наградени со награда од жири комисиите или од публиката.

Душко Георгиевски дебитираше на еден поранешен фестивал „Тетовски фолк филиграни“ заедно со Анета Наковска, каде ја освојуваат дебитантската награда со песната „Животот бргу си поминува“. На „Песна на летото 95“ година настапи со „Затвори ме во твоето срце“, за да следната 1996 година со песната „После тебе“ на фестивалот „Цветници“ ја освои дебитантската награда.

Учествува и во проектот „Антологија на македонската чалгиjа“ со песните „Збогум мајко“, „Филизо моме“, „Абер дојде Ајше ле мори“, „Кажи Славке, кажи ќерко“ дует со Сузана Спасовска. Со оркестарот на изворни инструменти при МРТВ ги испеал „Ајде вино пие млад Илија“ и „Многу мерак имам бабо“. Остварил многубројни изведби во живо на радио и телевизиски емисии и гостувања во земјата и надвор.

Ви го претставуваме фолк пејачот Душко Георѓиевски во новогоришниот серијал на интервјуа на музичкиот портал Музика24.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири,  ковид вакцинацијата, сертификатите… По што вие лично ќе ја паметите оваа 2021 година?

Душко Георѓиевски: Периодот кој ни го донесе пандемијата, за мене значеше едно ново секојдневие и запирање на мојата вообичаена долгогодишна агенда со динамично темпо на работни ангажмани, помеѓу двете професии, музичката кариера и адвокатурата. Во вакви околности, периодот комплетно го посветив на нов ангажман на полето на фолкот, со реализација на работите кои беа ставени во мојата агенда низ годините, но заради презафатеност во двете професии, немав можност да ги направам и чекаа. Како естраден уметник, со долгогодишната работа на фолк естрадата и народната музика, соочен со состојбите кои се случуваат низ годините на естрадата, губењето на интересот за народната песна, чувствував морална и национална одговорност, да го насочам мојот придонес во еден друг аспект на зачувување на македонската народна музика, гледајќи го како наше национално музичко богатство, да дадам уште еден придонес во неговото зачувување и негување. Затоа, се насочив кон нешто што е поврзано со националното чувство кај децата, сметајќи дека треба да се тргне од најмалите, да им се пренесе македонската народна песна и да им се понуди форма со која тие ќе ја запаметат, ќе сакаат да ја слушаат. На таков начин ќе придонесеме младите да го ценат и да продолжат да го негуваат нашето народно музичко богатство, затоа што како што би рекле многумина „од мали нозе“ некои работи се востановуваат и траат за цел живот. Со ваква мисија, ја создадовме “Фолконика” – Центар за зачувување на македонската фолк музика, фолклорното творештво, едукација и иновации за деца, со неколку ентузијасти и истомисленици. Сметајќи дека токму детската возраст е најподатна за вградување на трајни вредности кај младата популација, вредности кои ќе им останат на децата за цел живот, го осмисливме Проектот „Музички фолк сликовници за деца“, правејќи спој на еден иновативен начин, што ќе биде прифатлив за едно модерно дете, но сепак да ја содржи мисијата за негување на македонската народна песна, затоа и направивме избор на народни песни, направивме спој помеѓу музиката и ликовната уметност, за да се доловат силните приказни од нашите македонски песни, за да може да останат врежани во детската меморија, и кога ќе пораснат со топли емоции да се сеќаваат дека како мали им биле читани, пеани македонски народни песни. На мое огромно задоволство, успеавме да го започнеме реализирањето на проектот и од печат да излезе првата детска музичка фолк сликовница „Слушам кај шумат шумите“, една добро позната македонска народна песна, како почеток на цел еден серијал на вакви детски сликовници, на кои работиме и ќе следуваат. Деновиве ја промовиравме сликовницата и имаме одлични впечатоци од публиката. Ова сознание ми дава за право да бидам задоволен од направеното и ме исполнува како претставник на фолк естрадата. Во оваа насока, планирани се понатамошните активности, со проекти за најмладите, за да им ја доближиме фолк музиката и македонското музичко творештво.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е вашиот избор од она што беше понудено?

Душко Георѓиевски: За еден естраден уметник, тешко паѓа фактот што нема амбиент или не е време за музика, какво што е ова, во време на пандемијата. Сите ние, се трудиме да не дозволиме да згасне новокомпонираната фолк музика, во овој тежок период. Дел од колегите преку современите форми на социјалните мрежи, правеа концерти за да го разбијат тешкиот период на публиката, но генерално малку се снимаат нови песни. Кога имаше услови, се пееше на отворено. Во тој период, го реализиравме проектот „Скопје во три бои“ заедно со Бајса Арифовска и колегите, каде испеавме богат репертоар на обработени македонски, албански и труски песни, како уште една понуда за публиката, со идеја да поттикнеме сплотеност, да дадеме поддршка на сите наши луѓе, во вакви тешки времиња.

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој се прославува на различен начин. Лично како посакаувате да ја дочекате Новата 2022 година?

Душко Георѓиевски: Оваа, 2021 година ја дочекав во кругот на моето семејство, 2022 би сакал да ја дочекам како и минатите години, работно, но дали условите и здравствените мерки ќе дозволат времето ќе покаже. Во секој случај, магијата на Новата година секој човек ја носи во себе и не е важно каков и каде ќе биде дочекот, важно е да биде расположен, во круг на драги луѓе и со надеж дека новата година ќе даде еден нов импулс, нова надеж за поубави моменти од овие што изминуваат годинава.

Музика24: А кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имате добиено или можеби подарено?

Душко Георѓиевски: Подароците, за мене се вредни ако се дарени од срце, од најсаканите. Секогаш добивам и дарувам подароци кои пренесуваат важни пораки и кои се со големо значење за мојата сопруга и ќерките. Кога имам 3 дами покрај себе, сум ги добил најголемите подароци во мојот живот.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствувате таа празнична еуфорија и колку умее да ве понесе?

Душко Георѓиевски: Секој човек во себе крие едно големо дете. Тоа не треба да се потиснува, секој треба да му даде простор, да се радува, да си игра, да пее, затоа што тие денови се предодредени за тоа. Уживам и помагам во красењето на елка, која секогаш преферираме да е природна, со цел по завршување на празниците, да ја засадиме во нашата околина, во декорирање на домот со една таква новогодишна еуфорија, што ми причинува особено задоволство. Сакам да гледам и филмови со таква тематика и барем на неколку денови да се оттргнеме од секојдневните обврски и да се посветиме на своите најмили, во еден поинаков амбиент, комплетно празничен, од храна, музика, забава, уживање.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се вашите желби за новото Господово 2022 лето?

Душко Георѓиевски: Моите желби упатени кон секое македонско семејство, најпрвин е да се со добро здравје. Оваа година да биде годината во која целосно ќе се справиме со ова зло што го обзема целиот свет, па конечно да почне нормалниот живот, не она „ново нормално“, туку старо нормално, кога без никакви ограничувања уживавме во животот во секоја смисла, патувања со семејството, дружење со пријателите, со роднините, дружење по рестораните, кафе муабет и сл.

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатиле до вашите фанови и читателите на музичкиот портал Музика24?

Душко Георѓиевски: Можеби треба да си повториме дека ние сме силни и дека ќе ги надминеме сите неволји, после дождот доаѓа сонце, а после неколку години „дожд“ неминовно е сонцето силно да блесне. Читајте го музичкиот портал Музика 24, затоа што секогаш е едно интересно, релакс четиво, уникатно по својот концепт, бидејќи ја поддржува музичката сцена, со што го  подигнува расположението на читателите. Јас сум убеден дека заеднички, ќе излеземе победници и во тој дух, наскоро сите ќе пееме среќни и на цел глас.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: