Имам нешто да те прашам

Никола Трпковски: Сакам Новата година да ја дочекам на некоја плажа со многу сонце и коктели (Фото)

Никола Трпковски е релативно ново лице во медиумскиот простор, иако многумина од вас веќе го познаваат од емисијата “Жешко Столче”. За него мора да признаеме дека во текот на пандемијата работеше без застој и на жешкото столче успеа да седне многу познати лица од Македонија, а особено од Србија и Хрватска.

Новогодишните празници се пред нас, а со тоа и нашите планирани ветувања за изминатата и проектираните планови за следната година почнуват да се филтрираат. Во тој контекст го запрашавме Никола од “Жешко Столче”, што тој направи, а што не успеа да направи во годината зад нас, и кои му се плановите за годината која доаѓа.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири, ковид вакцинацијата, сертификатите… По што ти лично ќе ја памети оваа 2021 година?

Никола Трпковски: Искрено, тешка беше годината зад нас, но иако имаше доста ограничувања и рестрикции мислам дека добро ја поминавме, барем во однос на “Жешко Столче”. Многу успешни емисии, исто толку интересни гости, и се надевам дека конечно следната година ќе работиме многу повеќе.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е твојот избор од она што беше понудено на музичката сцена, општо?

Никола Трпковски: Нашите артисти извадија многу песни и можам да кажам дека во ситуација кога воопшто немаа настапи и финансиски не беа поддржани, тие сепак работеа и сработија. Не би можел да одберам една најдобра песна, реално имам повеќе фаворити.

Музика24: Нѐ очекува дочекот на Новата година, која се прославува на различен начин. Лично како посакауваш да ја дочекаш Новата 2022 година?

Никола Трпковски: Не сум тип кој нешто посебно се потресува на Новогодишните прослави, тоа е обична журка само што има повеќе народ, да не речам страшна гужва е секаде. Атмосферата е поинаква, полна со магија за разлика од останатите денови. Лично посакувам да сум на некоја плажа и таму да го дочекам преклопувањето на стрелките на часовникот, а каде ќе бидам ќе видиме хахаха. (се смее)

Музика24: А кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имаш добиено или можеби подарено?

Никола Трпковски: Го имам подарено, но сепак не би споделил…

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствуваш таа празнична еуфорија и колку умее да те понесе?

Никола Трпковски: Умее, мислам дека претпразничната атмосфера умее да го понесе секој од нас, оној што вели дека е рамнодушен, секако не ја зборува вистината. Сите се на некој начин среќни и расположени, за миг забораваат на секојдневните проблеми и неправди. Таа атмосфера нѐ носи во некоја поинаква димензија, барем во тој еден месец.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се твоите желби за Новото 2022 година?

Никола Трпковски: Колку и да имаш години секогаш ќе имаш по некоја желба (се смее). Пред сѐ здравје, тоа е најважно во ова време во кое сега живееме, и многу реализирани планови, а среќата… таа сама си доаѓа, ако се испилнат претходните две.

Музика24: Која е Новогодишната порака која би ја упатил до твоите YouTube гледачи и фанови, и секако, до читателите на музичкиот портал Музика24?

Никола Трпковски: Многу да внимаваат на себе, да бидат среќни, да се сакаат, да љубат до бескрај, да гледаат “Жешко Столче” и да читаат Музика24. Среќни празници!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: