Имам нешто да те прашам

Марија Спасовска: Дозволете новогодишната магија да ве понесе и уживајте во секој миг (Фото+Видео)

Таа е родена 5-ти октомври 2005-та година. Ја претставува Македонија на Детски избор за песна на Евровизија во 2018-та година во Минск, Белорусија, каде настапи со песната „Дома“ и се пласира на 12-то место. Марија станаува популарна во јавноста преку нејзиното учество во мјузиклот „Тајно моја“, посветен на Тоше Проески.

Неколку години подоцна Марија Спасовска е ново име на македонската музичка сцена. Се потпишува како автор на музиката и текстот на нејзината прва песна “Број еден”, за која аранжманот го подготви познатиот Дарко Димитров, во чие студио е и снимена песната. Како што вели таа, песната „Број еден“ најмногу и е наменета на младата македонска генерација.

Почитувани, денес во новогодишниот серијал на интервјуа на музичкиот портал Музика24, Ви ја претставуваме младата, надежна и талентирана Марија Спасовска.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири, ковид вакцинацијата, сертификатите… По што ти лично ќе ја паметиш оваа 2021 година?

Марија Спасовска: Оваа 2021 година ќе ја паметам по повторното поаѓање во училиште, бидејќи речиси 2 години бевме затворени дома, сè се случуваше виртуелно и премногу ми фалеше дружбата и социјализацијата со моите врсници. Барем за еден момент сите се почувствувавме како сè да се враќа во нормала, бидејќи сите тоа силно го посакуваме.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е твојот избор од она што беше понудено?

Марија Спасовска: Дефинитивно околностите во кои се најдовме придонесоа сите работи да престанат да се развиваат со ист интензитет, но за среќа не стагнираше сè комплетно. Музиката во тие моменти беше излез од реалноста и ни помогна полесно да ги пребродиме тешките моменти. Во 2021 излезе мојата песна “Број еден” под која се потпишувам како автор на музиката и текстот, а аранжманот беше дело на Дарко Димитров. Мојата 2021 ја одбележа токму “Број еден”.

Marija Spasovska - Broj eden (Official Video)

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој се прославува на различен начин. Лично како посакауваш да ја дочекаш Новата 2022 година?

Марија Спасовска: Сакам да ја дочекам во пријатна атмосфера со блиски пријатели, бидејќи со нив можам да се чувствувам расположено и среќно, а така сакам да ми тече и годината што ни доаѓа, расположено и среќно.

Музика24: Кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имаш добиено или можеби подарено?

Марија Спасовска: Се радувам на мали подарочиња, како на пример новогодишни чорапи или пижами, обожувам сè што е во духот на Новата година. А како најинтересен подарок можам да издвојам еден персонализиран новогодишен лампион, го пишува моето име на него и е во мојата омилена боја.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствуваш таа празнична еуфорија и колку умее да те понесе?

Марија Спасовска: Новата година ми е еден од најубавите периоди во годината и дефинитивно ме допира новогодишната енергија. Сакам кога е сè украсено и кога сè светка, бидејќи ми го подобрува расположението. Ги чекам новогодишните моменти со нетрпение секоја година токму поради таа празнична еуфорија.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се твоите желби за Новата 2022 година?

Марија Спасовска: Најнапред посакувам многу среќа, здравје, љубов и мир на мене, моите најблиски и сите луѓе во светот. Без нив секоја останата желба ќе биде не толку важна. Покрај тоа, си посакувам многу успех во полето на музиката и се надевам на многу нови проекти и песни, а за тоа да се оствари, почнувам да работам уште сега.

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатиле до вашите фанови и читателите на музичкиот портал Музика24?

Марија Спасовска: Ширете љубов и насмевки, правете ги луѓето среќни, бидете среќни. Дозволете новогодишната магија да ве понесе и уживајте во секој миг, секој момент од животот. Животот е убав доколку вие сакате да биде. Среќна Нова 2022 година.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: