Имам нешто да те прашам

Лара: Посакувам во Новата година да имаме само радост и убави моменти (Фото+Видео)

Неа за првпат ја запознавме на „Макфест“ во 2019 година, но вистински публиката ја забележа и слушна минатата година кога ја претстави песната „Некогаш ќе помине“. После тој хит се редеа уште неколку кои и денес се слушаат и се пуштаат речиси насекаде. Последниот од низата хитови е песната “Душа”.

Инаку, таа е трета година во Музичко-балетскиот училишен центар “Илија Николовски-Луј”. За себе вели дека е личност што ја сака уметноста. Освен со пеење се занимава и со глума и балет, и често ги спојува овие три работи што ја прават посебно среќна, бидејќи во тоа се пронаоѓа.

Ново лице е на македонската музичка сцена, почитувани читатели, денешниот новогодишен серијал на интервјуа го продолжуваме со младата и талентирана поп пејачка, Лара Иванова или едноставно само Лара.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири, ковид вакцинацијата, сертификатите… По што ти лично ќе ја паметиш оваа 2021 година?

Лара: И покрај пандемијата, јас изминатава година ќе ја паметам по тоа што бев доста продуктивна на музички план: неколку нови синглови, настап на фестивалот “Макфест” и освоена награда за најдобра вокална интерпретација, настапи како специјална гостинка на концертите на Владо Јаневски во Тетово и Тамара Тодевска во Охрид, настап на “Пиво фест” во Виница. Навистина, за мене 2021 беше плодна година.

LARA - Osamena (Official Video)

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е твојот избор од она што беше понудено годинава?

Лара: Искрено, јас сметам дека годинава музичката сцена беше доста раздвижена и дека има многу песни кои ќе останат забележани. Не би можела да издвојам посебно некоја, секако, ги има повеќе.

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој се прославува на различен начин. Лично како посакауваш да ја дочекаш Новата 2022 година?

Лара: Се уште не знам како и каде ќе ја прославам Новата година, но најважно ми е да ја дочекам со моите најблиски и најсакани.

Музика24: А кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имаш добиено или можеби подарено?

Лара: Сите новогодишни подароци што сум ги добила се интересни на свој начин и ми се многу драги, а и оние што сум ги подарила се одбрани со многу љубов и внимание и од срце подарени.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствуваш таа празнична еуфорија и колку умее да те понесе?

Лара: Постои некоја посебна магија во тие празнични денови, која делува позитивно на моето расположение и ме прави среќна, и таа празнична еуфорија знае да ме понесе.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се твоите желби за Новата 2022 година?

Лара: Посакувам Новата година да ни донесе пред се’ здравје, љубов, среќа. Да бидеме со своите најблиски, да го заборавиме се’ она што не’ правеше тажни во минатата година, и во Новата година да имаме само радост и убави моменти.

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатила до твоите фанови и воедно читатели на музичкиот портал Музика24?

Лара: На сите мои фанови и на читателите на музичкиот портал Музика24 во Новата година им посакуваме многу незаборавни моменти на среќа, радост и успех. Нека ни е среќна и бериќетна Новата 2022 година.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: