Имам нешто да те прашам

Дарко Илиевски: Вниманието кое што се посветува за Нова година, насмевките и добрите желби се нешто најубаво (Фото+Видео)

Тој ги заслужува сите можни комплименти и пофалби кои на негова сметка ги упатуваат компетентните лица од музичката и естрадната фела, што изминатите години го следат неговиот професионален ангажман. Млад и успешен музичар, образован инструменталист, композитор, аранжер што магистрирал на оделот на сонологија и актуелен раководител на оркестарот на Националниот ансамбл “Танец”. Студиозноста по која се препознава неговата работа е она што го одвојува од останатите колеги, а делата со неговиот потпис го имаат предзнакот на гарантиран квалитет.

Почитувани читатели на музичкиот портал Музика24, во серијалнот новогодишни интервјуа денес имаме посебна чест и задоволство да ви го преставиме и за момент да се дружиме со познатиот македонски музичар, продуцент, композитор, автор на голем број македонски хитови… познатиот Дарко Илиевски.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири,  ковид вакцинацијата, сертификатите… По што вие лично ќе ја паметите годината што изминува, оваа 2021?

Дарко Илиевски: Па настрана од сите работи поврзани со пандемијата, кои станаа дел секојдневието во изминативе две години, сепак би сакал да кажам дека дел од оваа година беа и убави музички проекти. Тука би ги спомнал завршувањето на мојот студиски материјал, негово издавање, снимање на видео записи, концертот на “Танец” и Влатко Стефановски, снимање и издавање на студиски материјал на “Танец”, и уште неколку проекти во кои учествувам и кои се во тек или завршна фаза во моментов кога го зборуваме ова.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е вашиот избор од она што беше понудено годинава?

Дарко Илиевски: Би се согласил дека немаше значаен квантитет на новости. Она што продефилира фестивалски, во голема мера не ми остави некаков впечаток. Верувам дека има нешто што би можел да го издвојам, но во овој момент не можам и не знам.

Darko Ilievski - Luna

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој секој од нас го прославува на различен начин. Лично како посакаувате да ја дочекате новата 2022 година?

Дарко Илиевски: Во овој момент не знаеме какви ќе бидат протоколите, а согласно тоа и опциите за некаква прослава, но како и да е, верувам дека ќе биде со фино друштво и фин амбиент.

Музика24: Кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имате добиено или пак можеби подарено?

Дарко Илиевски: Па се случило да бидат некои честитки кои можеби не ги очекувате веќе во ова дигитално време, а дошле во форма на разгледница и сл.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствувате таа празнична еуфорија и колку може и умее истата да ве понесе?

Дарко Илиевски: Искрено, не ме понесува многу, некогаш дури и ми пречи таа еуфорија проследена со хаотично (не)функционирање и исто таков сообраќај. Но, позитивниот дух што го носат празниците, вниманието кое луѓето си го посветуваат во тие денови, насмевките и добрите желби се нешто убаво и тоа ми се допаѓа.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се вашите желби за новото Господово 2022 лето?

Дарко Илиевски: Тоа е секогаш добро здравје. Другото се планови кои можат да трпат промени, но ќе се потрудам да се реализираат.

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатиле до вашите фанови и воедно на читателите на музичкиот портал Музика24?

Дарко Илиевски: Да слушаат што повеќе македонска музика, да поддржуваат македонски уметници. Има и овде квалитет кој заслужува внимание, почит и медиумски простор.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: