Музика на кирилица

Александар Тарабунов уапсен во акција на МВР во Битола (Видео)

Пејачот Александар Тарабунов рано утрово бил приведен во битолската полициска станица а во рамки на голема акција на МВР и државните инспекторати. Имено Тарабунов по концертот со Камерниот оркестар настапуваше во познат битолски локал, кој беше еден од 4-те објекти кои беа исконтролирани.

Вчера вечерта бев уапсен во Битола каде што настапувава, како да сум најголем криминалец. Со лисици, со туркање во комбе ме однесоа во станица, буквално за ништо. Изрежираа дека се противам на началникот и дека немам лична карта, иако се обидов да ја покажам и заедно со сопственикот на локалот не’ држеа до 8 сабајле. Спијте мирно луѓе, нема веќе криминал, се е решено. – напиша Тарабунов на својот Инстаграм профил.

МВР денеска веќе информираше за акцијата. Имено во периодот од 01.30 до 04.30 часот ноќеска полициски службеници од Бирото за јавна безбедност при МВР во координација со Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд спроведоа акциска контрола во четири ноќни клубови и кабареа во Битола, соопшти МВР.

Како што се наведува во соопштението во два ноќни клуба е пронајдена дрога (прашкаста материја и марихуана) и ќе бидат поднесени кривични пријави по член 215 од Кривичниот законик, едно лице употребило лажен ковид сертификат и за тоа ќе следува соодветна кривична пријава, а до надлежното обвинителство ќе биде поднесен поднесок и против сопственик на објект кој упатувал закани кон полициските службеници и инспекциските служби.

Исто така ќе следат соодветни поднесоци и затоа што во ноќен клуб е затекнат малолетник по 24 часот, а биле констатирани прекршоци и по законот за пушење. 42 лица биле пуштени во четирите угостителски објекти без да поседуваат ковид сертификат и тие се запечатени од страна на Државниот пазарен инспекторат и ќе следат соодветни поднесоци. Исто така, констатирани се и случаи на неиздавање на фискална сметка, а од страна на Државниот инспекторат за труд се констатирани 27 прекршоци за работење без договор за вработување.

Можеби ќе ве интересира: