Настан којшто ќе ја одбележи Струмица ова лето е десетневниот ОПЕН фестивал, а организаторите порачуваат дека во втората половина од месец август мора да се биде во градот со најдобар ноќен живот.
“Нашата цел е на публиката да и понудиме уште едно несекојдневно искуство каде на едно место ќе се спојат многу луѓе, добра музика и традиционална храна. Сакаме сите да уживаат во добрата храна и пијалоци, така што сето она што ќе се продава на штандовите во центарот на градот ќе биде по промотивни цени”, велат од здружението “Културен Забавен Живот” од Струмица.
Фестивалот вклучува многу културно-уметнички настани, но најголемото внимание на јавноста го привлекува музичката сцена која трае од 16-18 август. Домаќини на големата ОПЕН сцена на плоштадот “Гоце Делчев” се шармантниот и духовит Жарко Димитриевски од “Еден на еден” со веселата и секогаш шеговита струмичанка Стојне Стојанова од екипата на “К-15”. Фестивалот почнува од утре, со големо дефиле на 15 ансамбли од Македонија, Бугарија и Босна и Херцеговина, а ќе заврши со продажба на сликите од ликовната колонија во чест на светскиот ден на хуманоста. На музичката сцена ќе се појават многу млади струмички таленти, локални бендови, но и мегапопуларните Суперхикс, Кирил Џајковски, Ален Исламовиќ, Рибља чорба, Жељко Самарџиќ, Северина и многу други.
Подготви: Редакција Музика24
