39 години од трагичната сообраќајна несреќа во која загинаа Сашка Петковска и тројцата членови на групата „Авона“.
Сашка Петковска-Липша, жената со најубавиот глас на сите времиња. Загина на 32-годишна возраст, во кобна сообраќајна несреќа на патот Куманово – Свети Николе, на 31-ви август (среда) 1983-та година. Зад себе ги остави сопругот Марио Липша и двете ќерки Сандра и Леа. Марио почина годинава на 25 мај.

Сашка имаше плодна кариера, безвременски глас, ѕвезда и харизма благодарение на која важеше за една од омилените пејачки на југословенската сцена. Пленеше и со стилот. Секогаш авангардна, дама со изграден и софистициран стил, која светските трендови ги носеше директно на регионалната сцена. Таа беше и членка на легендарната вокално-инструментална група „Македонија” предводена од трубачот Благој Чешларов, заедно со Даниела Панчетовиќ, Кирчо Поп Лазаров, Зорица Поп Панкова, Верица Ристевска, Панче Кочовски. Нејзините евергрини „Бакни ме”, „Чао, адио”, „Пушти ме како птица”, „Запри срце”, „Никогаш никогаш”, „Гриша”, „Сеќавања”, се лектири на македонската и југословенската поп сцена.
Спомените болат, но секогаш се тука, за ваквите великани никогаш да не заминат во заборав. Насловната страна на весникот Вечер од 2.9.1983 година.
