Фестивали

Црна Гора се откажа од Евровизија а Македонија се уште не донела одлука

Официјалниот црногорски ЕБУ радиодифузер RTCG штотуку потврди дека земјата нема да учествува на Изборот за песна на Евровизија 2023 година во Ливерпул. Ова не е првпат Црна Гора да се повлекува од натпреварувањето. Од нивното деби на Евровизија во 2007 година, тие не учествуваа во 2010, 2011 и 2021 година, а исто така се повлекоа од натпреварот во 2020 година, кој подоцна беше откажан поради пандемијата на Ковид-19.

RTCG даде изјава на нивната официјална веб-страница и објасни дека финансиските аспекти се главната причина за повлекувањето:

Покрај значителните трошоци за котизација, како и трошоците за престој во Велика Британија, се соочивме и со незаинтересираност од спонзорите, па решивме постоечките ресурси да ги насочиме кон финансирање на тековни и планирани национални проекти и организациски и програмски реформи, кои повлекуваат значителни инвестициски интервенции во опрема и простории.

Црна Гора на Евровизија 2022 во Торино ја претставуваше Владана со песната „Breathe“ и не се пласираше во големото финале, завршувајќи на 17. место од 18 полуфиналисти.

На 10 мај 2022 година, од МРТ изјавија дека поради известувањето за инцидентот со македонското знаме, што се случи пред натпреварот во 2022 година, размислува за повлекување од настанот во 2023 година. Во јуни 2022 година, уредничката за уметничка и културна програма на МРТ и шеф на македонската делегација, Мери Попова, предложи серија препораки за подобрување на идните резултати на земјата на натпреварот, а програмскиот совет на МРТ едногласно се согласи со предлозите. Меѓутоа, во септември 2022 година, објавувањето на буџетот на радиодифузерот за 2023 година откри дека не биле доделени средства за учество на Евровизија, иако беше потврдено дека тој ќе го емитува натпреварот. Се чека официјална потврда за учество или повлекување во 2023 година.

Заклучно со октомври, 34 земји го потврдиле своето учество на Евровизија 2023. Покрај Црна Гора и Бугарија одлучи да не учествува во следната Евровизија.

Можеби ќе ве интересира: