Имам нешто да те прашам

“Пиволенд” единствен фестивал на пивото во Скопје

“Пиволенд” ќе се одржи на Скопското кале од 11-ти до 15-ти септември. Оваа година фестивалот е фокусиран кон промоција на македонската музичка сцена, македонската храна и македонската култура. Како дел од изведуваците кои ќе можеме да ги видиме на “Пиволенд” се: Тамара Тодевска, ДНК, Тони Китановски и Васил Хаџиманов, Нокаут, Визија, најдобрите македонските ДЈ-и: Гоце (Саф), Славе, Мирко Попов, Ајсберг, Роботек, Лефанк, Гејм овер и Чваре, како и најдобрите наши кавер изведувачи меѓу кои се и Бени нон стоп, Ај Кју, Пеперминт Босса нова, Лабаво Лавабо и многу други.

Љубителите на пиво ќе можат да уживаат во спектарот од околу триесетина видови пенливо задоволство, многу домашни пива, како и германски, чешки и мексички пива. Секако бидејќи пиво не иде без храна “Пиволенд” им ветува вкусна гозба на сите гурмани. Оваа година ќе можете да уживаате во катчето за храна кое ќе биде засебен дел од фестивалот и ќе нуди избор на вкусови од десет различни ресторани со акцент на македонската кујна. Бидете присутни на забава и атмосфера која не се пропушта. Од 11-ти до 15-ти септември, дојдете по шести пат на “Пиволенд”. Во продолжение кратко интервју на Музика24 со Сандра Темова, дел од организацијата на “Пиволенд”.

1.Како течат подготовките за овогодинешниот “Пиволенд”? Колку време е потребно да се подготви ваков голем фестивал?

Сандра Темова: Како и за секој фестивал така и за овој, сите рокови се запазени, а тоа значи дека веќе сме пред крај со сите подготовки, како логистички така и технички, меѓутоа мора да напоменеме дека штом заврши фестивалот, тимот на “Пиволенд” веднаш започнува со работа за следното издание наредната година. Тоа значи дека за ваков голем фестивал мора да се работи во текот на целата година, се осмислува концепцијата, локацијата, програмата, како и сите технички детали кои со себе ги носи организацијата на овој фестивал.

2.Колку видови на пиво ќе има на листата на овогодинешниот “Пиволенд”?

Сандра Темова: Оваа година љубителите на пивото ќе имаат можност да дегустираат повеќе од 30 видови на пиво како од Македонија, така и од поблиските и подалечни земји, неизбежните германски, чешки пива како и ексклузивни пива од Мексико. Тука сакаме да напоменеме дека целта на фестивалот е дегустација и уживање во пивото, а не просто напивање, па затоа и порака до конзументите да “дегустираат” одговорно.

3.Музичката програма веќе е составена, а и ги имаше и првичните реакции што мислите за нив?

Сандра Темова: Реакции имало и ќе има секогаш, оваа година како ниедна друга програмата е 85 % македонска и “Пиволенд” се заложи да ја поддржи македонската музика и македонските артисти и диџеи, како ниеден друг фесивал во Македонија, ние сме македонски бренд и сметаме дека само со безрезервна подршка македонската музика ќе го подигне нивото на својот квалитет и ќе започне да добива на поголема важност не само во Македонија, туку и пошироко надвор од границите. Оваа година има три бини на кои ќе се појават повеќе од 50 артисти, но притоа мора да напоменеме дека “Пиволенд” не е музички фестивал и дека музиката е само пропратен дел за зголемување на уживањето.

Дали имате податок за тоа колку пиво се испива на “Пиволенд”?

Сандра Темова: Точен податок на испиени пива нема и сите податоци кои излегуваат во јавноста треба да се земат со резерва, но во слободна проценка се испиваат повеќе од 100 000 илјади литри пиво во текот на петте фетивалски вечери. Мислиме дека е поважно уживањето во пивото како и можноста за дегустација на различни видови пиво, количината на нашиот фестивал е секогаш во втор план.

Ќе има и “игротека за возрасни “, за каква игри всушност станува збор?

Сандра Темова: Веќе неколку години постои едно катче каде луѓето можат да се забавуваат играјќи повеќе малски игри како: табла, шах, тексас холдем покер, пиво понг, не лути се човече, фудбалчиња и др. Учеството е едноставно и е секогаш задоволство на одмерување на силите и среќата помеѓу учесниците.

Последна препорака за посетителите на “Пиволенд”?

Сандра Темова: Би препорачале на сите посетители да ги одморат своите возила и да дојдат со градски превоз, пеш или со велосипед. Да конзумираат одговорно и да уживаат во вкусот на различните пива, вкусната храна и добрата музика. Исто така би напоменале дека “Пиволенд” е фестивал на пивото и тоа секогаш ќе биде на највисокиот пиедестал, ќе нуди можност за многу пониски цени (од кафани и дискотеки) да се пробаат повеќе видови на пиво на едно место, а музиката и сите други пропратни случувања се само добро надополнување на фестивалот.

Ве покануваме на “Пиволенд” со слоганот: “Дојди види испиј, да го запениме кале”.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: