Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Лезет“ на кој како солист ќе настапи младиот македонски виолинист Александар Иванов. На програмата се „Психофонија“ од македонскиот композитор Ристо Аврамовски со чија изведба ќе се одбележат 80 години од раѓањето на авторот, Концертот за виолина и оркестар во Дe-дур, оп. 35 од Ерих Волфганг Корнголд и „Гогољ суита“ од Алфред Шнитке. Диригент е маестро Борјан Цанев.
Творечкиот опус на македонскиот композитор Ристо Аврамовски (1943 – 2007) е исклучително богат и опфаќа над 150 дела од речиси сите жанрови на класичната музика – од најмалите форми до најкрупните – симфонии, ораториуми, кантати, опери. Од експериментална радиофонија до применета музика пишувана за театар, телевизија и филм.
Најголем дел од неговото музичко творештво е инспирирано од македонското поднебје, од нашиот духовен простор. Токму такви се неговите дела „Психофонија 1“ и „Психофонија 2“, напишани во 1972 и 1974 година. Во овие композиции тој својата инспирација ја црпи од богатата ризница на македонското духовно поднебје и од македонскиот фолклор, но ги реактивира и третира на сосема поинаков начин и тие добиваат нов лик и експресија.
Советско-германски композитор кој создава сериозна, мрачна музика што се карактеризира со нагли спротивставувања на радикално различни, честопати контрадикторни стилови. Тоа е големиот Алфред Шнитке, основач на т.н. музички полистилизам. Шнитке бил вистински мајстор на драмата. Неговата музика има звучна тензија, драма, конфликт… Токму затоа воопшто не чуди фактот што токму тој бил избран да напише музика за театарска изведба на дела од рускиот писател Николај Гогољ, а крајниот производ од оваа инспирација е фантастичната „Гогољ суита“, ремек-дело на модернизмот.
