Познатиот композитор и текстописец Борче Нечовски кој го возобнови музичкиот фестивал „Прилеп фест“, брутално и без основа ја измаршира екипата на музичкиот портал Музика24 однесувајќи се како единствен фактор на овој фестивал, иако новинарите се информирани дека всушност дотокот на пари за овој фестивал се влева од општинската каса по аминување на градоначалникот на град Прилеп, Борче Јовчески.
На речиси еден месец пред стартувањето на фестивалот, сакајќи да се информираме за детали околу музичкиот фестивал, начинот на соработка, акредитирање и слично, организаторот на истиот, Борче Нечовски на нашата екипа и се обрати со следниве зборови:
„Не сакам да присуствувате на фестивалот и не сакам да бидете дел од него“, ни кажа Нечовски и ни го спушти телефонот.
Видно збунети од ваквата нечовечка, непрофесионална и ненормална реакција останавме затекнати од би-поларното однесување на композиторот. Па се прашуваме дали оваа негова реакција се должи на лутината од минатата година која очигледно се уште го држи заради изнесените вистини кои се случија на минатогодишниот „Прилеп фест“, а со кој беа омаловажени и потценети новинарите. Имено, неговиот официјален ПР на фестивалот на новинарите им кажа дека не се пожелни на пост-фестивалската забава, затоа што така му наложил организаторот, односно, Борче Нечовски. Нормално, ние потоа реагиравме на соодветен начин, односно, ги изнесовме фактите во јавност и ниту беше нешто сокриено ниту измислено.
На крајот од денот се прашуваме дали Општина Прилеп и градоначалникот Јовчески, кои директно финансиски го помагаат овој музички фестивал, знаат воопшто како се однесува нивниот партнер кој добива финансиски бенефиции, а од нив немаат никаков ќар прилепските уметници кои не се воопшто присутни на овој фестивал кој го носи името на градот.
Од толку најавани познати музички имиња меѓу кои ќе ги споменеме: Јордан Митев, Зуица Лазова, Андријана Ацевска, група „Дрим Тим“, Благоја Грујевски, група „Круна“, Наум Петревски… единствена прилепчанка е пејачката Елена Велевска, додека пак од авторите нема ниту еден од Прилеп. Па тука само по себе се наметнува прашањето по што е ова „Прилеп фест“, или пак можеби само поради финансиите кои се добиваат од Прилеп.
Бидејќи Г-нот Нечовски некултурно и несоодветно се однесуваше кон нашата екипа, ние како редакција, во идниот период малку повеќе ќе посветиме време и внимание за тоа колку Општината Прилеп финансиски го помага овој музички фестивал со буџетски пари од граѓаните на овој град и што се се покрива со истите тие финансии.
Баравте – добивте, новинарите ќе ви се посветат!
