Оркестарот на Македонската филхармонија следната недела ќе гостува во Подгорица (4-ти јули) и во Дубровник (6-ти јули). Во Подгорица концертот ќе се одржи во Музички центар на Црна Гора, а во Дубровник, оркестарот на Македонската филхармонија ќе настапи во „Књежев двор“.
На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр.2 од Kамиј Сен-Санс, „Пајдушко“ од македонскиот композитор Филип Иванов и Симфонија бр.4 од Лудвиг ван Бетовен, а на концертот во Дубровник ќе биде изведено и делото „Идила“ од хрватскиот композитор Благој Берса. Диригент е Борјан Цанев, а како солистка ќе настапи македонската пијанистка Марија Ѓошевска.

„По успешното гостување во Белград и Ниш, сега следува турнеја во Црна Гора и во Хрватска, каде знам дека повторно ќе се претставиме во одлично светло и ние како институција, и секако нашата држава. Гостувањето во Хрватска го реализираме на покана на Симфонискиот оркестар во Дубровник, додека во Подгорица, два дена претходно, настапуваме благодарение на несебичната поддршка на Министерството за култура на Црна Гора и амбасадорката на Црна Гора во РС Македонија, Марија Петровиќ. Од огромно значење е и ова меѓународно претставување како круна на концертната сезона која беше исполнета со голем број на успешни настани. За впечатоците потоа, а сега можам само да кажам дека сум навистина среќна што Македонската филхармонија чекори гордо по патот којшто го зацрта“, вели Тина Иванова, директорка на Филхармонија.
