Имам нешто да те прашам

Ленче Кукиќ: Кога имаш здравје ќе можеш да работиш што сакаш (Фото+Видео)

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Ленче Кукиќ: И оваа година како и секоја помината е при крај и ќе испише уште една страница помината во неа со сите спомени, радост и тага, успеси и падови, здравје и болести, сонце и дожд. Така и мојата страница во оваа година ќе биде испишана со убави и неубави моменти, впрочем тоа е животот.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која  според Вас песна ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Ленче Кукиќ: Во оваа година јас промовирав песна за Гранд продукција „Бистра вода“, преработка на македонска песна „Ах ти либе, либе“ и новокомпонираната „Ни на небо ни на земја“, па поради оваа ангажираност не бев присутна на нашите музички фестивали. За квалитетот на песните и продукцијата кај нас не можам да коментирам многу, бидејќи за вкус не се дебатира… но, преферирам и поддржувам квалитетна и музички издржана музика. За мене можеби некоја песна не ги задоволува критериумите, но штом поголем број на луѓе ја бендисуваат го прифаќам мислењето дека песната е хит.

Lence Kukic - Bistra voda - (ASMM) - (Tv Grand 28.03.2023.)

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Ленче Кукиќ: Настапите во летниот период беа неизбежни, а и концертните настапи во државата и надвор во соседството. Најголемата радост за нас е дипломирањето на Иван на Факултетот за музичка уметност во Белград и ексклузивниот договор со Кроациа Рекордс. Секој родител се радува на успесите на своите деца. Така би ја замислила и следната 2024 година со убави моменти и случувања.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Ленче Кукиќ: Кога бев помала верував во Дедо Мраз. Сега мечтеам за времето кога се радував и очекував подароци од Дедо Мраз. Како да сакам се уште да сум дете и да го доживувам секогаш она радосно утро кога имав подарок под новогодишната елка. Но сепак пораснав. Истото тоа го правевме и на Иван. Елка со подароци на кои со воодешување и радост ги правевме… Сега како зрела личност посакувам секогаш да имаме здравје, бидејќи после неколку случувања заклучивме дека навистина кога имаш здравје ќе можеш да работиш што сакаш.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Ленче Кукиќ: Во сите мои желби на прво место го молам Бога во сите наредни денови, на сите болни да им даде здравје. На луѓето што војуваат да им се смилува да престанат… да владее љубов наспроти војна. Нам на нашето семејство здравје и благосостојба… тоа се моите пораки кои ќе бидат напишани до Дедо Мраз.

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Ленче Кукиќ: Новата година ќе ја дочекаме со наши пријатели и обожаватели во Швајцарија… следната година ќе ја исполниме со нови песни, промоции и концерти.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: