Имам нешто да те прашам

„Компас бенд“: Љубовта и емоцијата која ја носи „Дјевушка“ излезе во прв план (Фото+Видео)

За нив велат дека тие се „мајстори“ на својот занает. Едни се од најдобрите кога станува збор за настапи во живо, добра забава и одлично расположение. Тие се „Компас бенд“, музички бренд кој со децении успешно опстојуваат на музичкиот „пазар“, на чело со Љупчо Ваневски – Бубе, Ивана Ѓеоргиевка и Мишо Стојановски.

По повод нивната најнова песна „Дјевушка“ чија комплетна доверба му беше доверена на композиторот Зоран Рудан – Цеки, но и одличниот видеоспот кој е во реализиција на Даниел Јовески (Sustain production), ние од музичкиот портал Музика24 решивме да поразговараме со членовите на „Компас бенд“ и да ве запознаеме со некои детали кои можеби ќе ве заинтересираат, но досега не сте ги знаеле.

Музика24: Постоите долги години на македонската музичка сцена. Дали можете да ни кажете кои беа Вашите почетоци, дали се сеќавате на Вашиот прв настап, онаа еуфорија и позитивна трема?

Љупчо Ваневски – Бубе: Се разбира, мојот прв настап беше на мои 12 години. Моите браќа, кои се повозрасни од мене, ме земаа да пејам со нив. Односно, мојата прва љубов беше бас гитарата. Бидејки бев мал, на публиката и бев интересен. Ме носеа да свирам на клубски свирки во тоа време и ми дозволуваа да отпејам една фраза од некоја песна. Специфичен бев по мојот тогаш неоформен вокал. Кога ке почнев да пејам забавата кулминираше и публиката грмнуваше од аплауз – тоа беа тие први морници кои ме полазија од глава до пети од енергијата и еуфоријата која публиката ја пренесуваше.

Ивана Ѓеоргиевка: Мојот прв настап пред публика беше на мои 5 години. Во тоа време Џокси организираше шоу на млади таленти. Воглавном беа деца од 10 до 15-16 години. Јас имав толку голема желба да се пријавам што секоја недела го молев организаторот да ме чуе. Немаше ограничување за жанр, секој пееше песна по свој избор и стил. Таа година беше хит „Не можам душо неможам“ од Благица Павловска. Песната ја слушав од утро до мрак и настапив со неа. Бев толку мала што ме качија на столче за да може публиката да ме види (се смее). Освоив прво место и тоа беше еден поттик да се пријавувам подоцна на сите аудиции што постоеја последователно.

Мишо Стојановски: Мојот прв настап беше исто на многу мала возраст. Имав своевремено и рок група, бев во филмот на рок и поп музика. Првиот настап беше преплавен од трема, но како се движење времето тремата исчезнуваше, а желбата за музика остана. Последниве години, особено откако станав член на „Компас бенд“ се посветив на сите жанрови без исклучок.

Музика24: Имате доста песни кои се Ваши авторски, отпеани на дел од македонските фестивали, дел промовирани пред македонската јавност со настап и видеоспот. Која песна Вам ви е најдрага и во која најмногу се пронајдувате пеејќи ја?

„Компас бенд“: Секоја песна, велат, е дел од авторот и дел од изведувачот, небаре свое родено дете. Има навистина многу песни кои сме ги пееле, од секој правец по една барем. „Дјевушка“ ни прирасна за срце веднаш штом ја слушнавме, па тоа нека биде нашата ”ахилова пета”.

Музика24: Неодамна од Вашата музичка работилница излезе најновата песна „Дјевушка“ заедно со видеоспот. Чија беше идеја за реализација на оваа одлично отпеана балада и каде се е реализиран видеоспотот – во кој може да се погледнат одлични зимски пејсажи?

„Компас бенд“: „Дјевушка“ излезе неодамна и веќе може да се слушне на многу радиостаници ширум Македонија, како и на нашиот YouTube канал. Поттикната од вистинската љубовна приказна на татко ми со убавата Катерина од Русија, дојдовме до идеја да ја овековечиме во песна. Еден ден приказната ја раскажавме и на авторот, кој следниот ден ни пушти демо за кое рековме: Ова е тоа! Песна која е поразлична од се она што се создава во моментов. Се заљубивме во „Дјевушка“ на прво слушање.
Спотот е снимен на единствениот Пелистер. Ја одбравме локацијата поради снежната идила за доловување на приказната.

Музика24: Песната е отпеана на македонски и руски јазик. Која е причината за токму овој спој на различни култури и дали за момент не се исплашивте за не-пуштање во македонскиот етер токму поради конфликтот кој таму некаде се одвива и сите на некој начин се оградуваат од се што е руско во Македонија?

„Компас бенд“: Одлично прашање. Приказната сама по себе наложува да биде на македонско-руски јазик поради земјите од кои доаѓаат главните актери од вистинскиот живот. Не се двоумевме во врска со издавање на песната. Љубовта и емоцијата која ја носи „Дјевушка“ излезе во прв план. Љубовта ги обединува луѓето и нациите и токму тоа е нашата порака која ја испраќаме преку песна – да се сакаат луѓето меѓу себе. Љубовта никогаш не познавала граници, ние пееме за љубовта и за едно убаво сеќавање, а политиката ја оставаме настрана. Досега не сме имале некој негативен коментар во таа насока иако темата е навистина чувствителна.

Музика24: Ве нарекуваат „мајстори“ на занаетот, „Компас бенд“ е една од најдобрите групи во Македонија која може да направи вистинска забава каде и да е. Последниов период каде сте активни, каде настапувате и каде може Вашите фанови да ве најдат и да уживаат во вашиот настап и музика?

„Компас бенд“: Најпрво благодариме за комплиментите. Се трудиме на публиката да и го понудиме тоа што сака да го слуша без ограничувања. Во моментов редовно сме во ресторан „Де Гама“ во ТЦ „Бисер“, а во текот на неделата не изостануваат клубските свирки и приватните забави. Бидејки секогаш е различен клуб во прашање, публиката може да се информира на нашите Фејсбук и Инстаграм профили за нашата агенда.

Музика24: Дали во идниот период подготвувате исто вака добро и одлично подготвени песни, со кои пополека, но сигурно ќе се вратите во македонските медиуми?

„Компас бенд“: Да, веќе работиме на нови песни, не само за нашиот пазар, туку и за соседството. Вредни и посветени сме и во тој поглед. Нема да откриеме точно за што се работи, само ќе речеме дека тоа е нешто многу поразлично од „Дјевушка“. Се подготвуваме и за некои од нашите фестивали годинава. Сметаме дека треба да се создава музика, особено македонска.

COMPASS BAND (KOMPAS BEND )-  DJEVUSHKA official video

Музика24: И на самиот крај на ова интервју по повод Вашата најнова песна и видеоспот, како и на кој начин би ги поздравиле Вашите верни фанови и сите оние кои ја сакаат и почитуваат вашата музика и песна?

„Компас бенд“: Ја поздравуваме нашата публика со нова песна и видеоспот во најскоро време! Благодарност до публиката за поддршката и комплиментите за досегашната работа. Благодариме за издвоеното време за ова интервју и поздрав до сите читателина музичкиот портал Музика24.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: