Во 1984-та година, Бајага и Инструктори го издадоа ремек делото „Позитивна географија”. Таа пролет, албумот беше доста срамежливо промовиран во три града и три сали:
- Белград – „Дом синдиката”
- Загреб – „Кулушиќ” и
- Скопје – „Дом на млади – 25-ти мај”
По повод 40 години од албумот „Позитивна географија” и почетокот на соло кариера на Бајага, нашите пријатели и соработници од најдобрата македонска продукциска куќа, Авалон продукција, Ви го најавуваат враќањето на Бајага и Инструктори во МКЦ со голем концерт на 6-ти април.
„Оваа пролет, Бајага веќе закажа и распродаде концерти во Белград („МТС Арена” – некогашен „Дом синдиката”) и Загреб – „Творница културе” (култниот „Кулушиќ” веќе не постои), каде во клубска атмосфера ќе се свири реприза на пролет 1984-та, со „Позитивна географија”. Се разбира дека и ние веднаш реагиравме, а Бајага прифати да се врати во МКЦ после 40 години, и на истата сцена од тогашен „Дом на млади – 25ти мај” да го отсвири целиот албум „Позитивна географија”, како и уште некои песни од тоа време”, велат од Авалон продукција.
Како што и самите најавуваат, пред секоја песна, Бајага ќе раскаже приказна за тоа како и зошто е напишана… што ќе ја направи вечерта уште поуникатна. Бајага скоро 40 години не ги свири: „Знам човека”, „Папалине”, „Мали слонови”, „Марлена” и слично… А сега ќе го отсвири цел албум.
Нема потреба да се објаснува емоционалната ексклузивност на овој настан. Тој е наменет само за оние 1.000 луѓе на кои и онака се’ им е јасно. Овој пат, Бајага ќе свири прво во МКЦ, па потоа во Белград и Загреб! Влезниците за белградскиот и загребачкиот концерт се продадоа за 2/3 часа. Исто ќе биде и во Скопје.
Продажбата на влезници е веќе започната и истата се одвива онлајн на ticketx.mk и во продажната мрежа на ticketx во Македонија по цена од 1.500 денари.
