Туристичката агенција “Гуливер Милс” со гордост Ви го најавува спектакуларниот концерт на најголемата хрватска музичка ѕвезда Оливер Драгоевиќ. Концертот е закажан за 29-ти ноември во познатата и најголема македонска арена “Борис Трајковски”. Ова гостување на најголемата хрватска поп ѕвезда е трето по ред во Македонија, а во организација на “Гуливер”. Првото беше во 2009-та година, кога Драгоевиќ имаше три концерти, едно по друго, во Универзалната сала, две години подоцна во март 2011-та со гала-концерт повторно се претстави пред македонската публика во спортската арена, каде и оваа година на 29-ти следниот месец ќе не почести со неговите познати и секогаш слушани песни.
“Во Македонија се чувствувам како дома. Имам многу пријатели кај вас, а голем мерак ми прави и вашата кујна затоа едвај чекам да дојдам на нова дружба”, вели Оливер, кому овој пат на неговиот концерт како специјална гостинка ќе се појави сонародничката и позната музичка ѕвезда на екс Југославија Дорис Драговиќ, која меѓудругото во нашата земја доаѓа по пауза од 10 години.
“Тко сам ја да ти судим”, “Скалинада”, “Кад ми доџеш ти”, “Вјеруј у љубав”, “Што то бјеше љубав”, “Опрости ми папе”… ќе бидат само дел од најавениот концерт кој што Оливер ќе ги исполни пред македонската публика, а секако да не заборавиме, тој во оваа прилика на сцената во “Борис Трајковски” премиерно пред нашата публика ќе отпее дел од темите од најновиот албум “Тишина мора”.
Организаторите напоменуваат дека билетите за концертот на Оливер Драгоевиќ се во ограничен број и дека истите се пуштени во продажба, за пертерот за седење и мобилните трибини билетите чинат 800, додека во горните блокови истите чинат 700 денари. А билетите можете да ги набавите на веќе добро познатите места: во туристичката агенција “Гуливер Милс”, “Југотон”, цвеќарница “Розе” (Веро 2), “Камарад” (Рамстор), “Tobacco” (Сити Мол), куглана “Борис Трајковски” и “Принтхаус” (позади Броз кафе).
Подготви: Александра Блажевска
