Магазин

Изложба за кариерата на Тејлор Свифт во Лондон

Костими, музички инструменти и други предмети позајмени од американската пејачка Тејлор Свифт се изложени на привремената летна изложба во Музејот „Ви енд еј“ (V&A) во Лондон, Велика Британија. Насловена „Тејлор Свифт, патека на песните“ (Taylor Swift, Songbook Trail), изложбата се состои од 13 инсталации распространети низ неколку музејски простории.

„Тоа е едно патешетвие низ музејот“, изјави кустосот Кејт Бејли. Ги следи поглавјата од кариерата на Тејлор Свифт, а ние ги нагласуваме периодите и во различни простории на музејот ги прикажуваме костимите што Тејлор ги носела, откри таа.

Меѓу изложените предмети се изработени каубојски чизми по нарачка што ги носи сега 14-кратната добитничка на Греми на почетокот на нејзината кариера, периката и брадата што ги носеше во спотот за „The Man“, репродукции на рачно нацртани скици за „Willow“ и златен микрофон со змиски мотиви што Свифт го користеше на турнејата „Reputation“ итн.

„Ова беше проект којшто се одвиваше навистина брзо. Сакав да бидам сигурна дека ќе може да изложиме костими, но и музички инструменти, и предмети што ја пренесуваат целата нејзина кариера и креативност“, додаде Бејли.

„Ние првпат правиме изложба на ваков начин. И ова е првпат овие предмети да се најдат во Велика Британија. Значи, тоа е многу возбудливо и – бесплатно“, истакна таа.

„Тејлор Свифт, патека на песните“ трае од 27 јуни до 8 септември. Според музејот, целата изложбена патека може да се пропешачи за 60 до 90 минути.

Можеби ќе ве интересира: