Имам нешто да те прашам

Немања Радошевиќ: Неостварена желба ми е мој голем солистички концерт (Фото+Видео)

Тој е млад, интересен, енергичен и пред се многу позитивен. За себе вели дека музиката му е се во животот и дека со неа се бави откако знае за себе. Роден е во Нови Сад, каде што и ден денес работи и живее. Досега има настапувано на голем број концерти и настани, а најважни и поинтересни од нив му се настапите на концертот на Лепа Брена, Бијело Дугме и Тијана Богичевиќ. Поради неуспехот да настапи на српскиот избор за песна на Евровизија во 2023-та, тој повторно се пријавува и во 2024-та настапува на овој избор со песната „Јутра без тебе“ каде доживува огромен успех и внимание од медиумите.

Немања Радошевиќ годинава беше и дел од 31-то издание на музичкиот летен фестивал „Охрид фест“ и настапи на втората Интернационална вечер каде освен награда од акредитираните македонски новинари кои гласаа за него, ја доби и првата награда од публика, што всушност значеше дека тој е апсолутен победник.

Екипата на музичкиот портал Музика24 за време на одржувањето на Интернационалната вечер направи интересно интервју со овој познат српски пејач, а што тој ни одговори и ни откри, прочитајте во продолжение.

Музика24: За прв пат се појавуваш во Македонија пред македонската публика. Вечерва со одлична песна имаш настап на „Охрид фест“. Кажи ни кој е Немања Радошевиќ?

Немања Радошевиќ: Немања Радошевиќ е некој кој навистина живее за музиката и со која што се бави цел живот, што се вели од мали нозе. Не можам да кажам дека ништо друго не можам да работам, но музиката е моја страст и нешто на кое што размислувам 24 часа. И никогаш не ми е досадно и никогаш не ми е доволно.

Музика24: На твојот YouTube канал имаш снимено и објавено голем број на интересни кавери од познати балкански изведувачи, меѓу кои е и нашиот Тоше Проески. Која е мотивацијата и инспирација да снимаш кавери на хит песни од познати музички имиња?

Немања Радошевиќ: Пред се го сакам она што го работеше Тоше и начинот на кој што тој тоа го работеше. Мислам дека тој е еден од најдобрите пејачи кои се има појавено на Балканот во последните години. А од друга страна затоа што добив дозвола да снимам кавер, бидејќи без дозвола не можеш да го направиш тоа.

Nemanja Radosevic - Jutra bez tebe | 2024 Video

Музика24: Песната со која што ќе настапиш вечерва на Интернационалната вечер на „Охрид фест“, кој е тимот кој што ја направи и дали истата е веќе некаде изведена или премиерно ќе ја изведеш тука пред македонската публика?

Немања Радошевиќ: Оваа песна со која што вечерва ќе се претставам за прв пат пред македонската публика „Јутра без тебе“, веќе е изведна на српскиот Избор за претставник на Евровизија (ПЗЕ 2024). И ова претставува навистина одлична можност да се претставам пред македонската публика токму со таа песна, затоа што песната помина навистина премногу добро, се уште се пушта по радио и тв станиците низ цела Србија, а и во регионот, Босна, Црна Гора… Оваа песна на самиот избор некако како да се одвои од сите останати. Во српските медиуми веднаш ме поврзаа со Јоксимовиќ, веројатно затоа што имаме сличен глас, иста боја. Во секој случај тоа ми се допаѓа и на некој начин ми годи. Сепак Јоксимовиќ е мега ѕвезда и одличен пејач. „Јутра без тебе“ е одлична песна за пеење во живо.

Музика24: Очигледно дека ПЗЕ има влијание на твојата музичка кариера. По настапот и претставување во јавноста, те препознаваат ли, имаш често настапи?

Немања Радошевиќ: Па не само во Србија. Имам настапи и во регионот, и доста луѓе ме бараат и во странство. Последната година-две почна да се случува нешто и повторно ќе кажам дека мене ми е многу важно и битно затоа што имам многу следбеници (фанови) на социјалните мрежи кои се и од Македонија кои ме следат на Инстаграм, на Фејсбук. Тоа веројатно е така и поради снимените кавери на песни од Тоше и изборот на песни кој јас го правам. Тоа е и еден мал дел зошто се одлучив да дојдам и да настапам на Охрид фест. Прв пат сум во Охрид и можам слободно да кажам дека е прекрасно.

Музика24: досега си немал прилика да дојдеш во Охрид?

Немања Радошевиќ: Не, до сега не. И секогаш некако како да го одминував. Секогаш сакав да дојдам, но се нема време и нема кога, обврски, настапи…но ете се појави и прилика да дојдам.

Музика24: Немања, кој е твојот музички идол од каде црпиш инспирација?

Немања Радошевиќ: Немам, навистина немам музички идол. Ако сега ти кажам што се слушам и што се сакам… сакам се да слушам. Јас четири години работев на прекуокенски брод и пеев само странски репертоар. Така да се и сешто слушам и пејам. Од Недељко Билкиќ до Стинг (се смее).

Музика24: Велиш, четири години од твојот живот ги имаш поминато на прекуокеански брод. Како е да се живее на брод толку години и како тебе ти помина времето?

Немања Радошевиќ: Навистина одлично искуство. Јас им препорачувам на сите оние помлади да соберат храброст и малтене да ја посетат речиси секоја земја на планетава. Јас само за тие четири години ја посетив пола планета, еве да не сум бил во Австралија, Јапонија… но во главно тоа е тоа. Што е интересно во компанијата каде што ја работев немаше старосно ограничување, така да може кој сака и кога сака да појде и да работи. Не може да појде на пример Лео Мартин, се шегувам, но секако нема ограничување со годините.

Музика24: Од она твое досегашно животно искуство и се она што го имаш поминато… дали си среќен во животот и што е она што те исполнува?

Немања Радошевиќ: Јас имам чувство дека доживувам некоја нова младост. Всушност, и не сум нешто посебно млад, имам само 43 години. И не само во оваа работа која што јас ја работам, општо во животот, многу е важно да ја работиш онаа работа која што ја сакаш и тоа да не го доживуваш како работа, туку како задоволство и страст.

Музика24: А дали Немања е заљубен?

Немања Радошевиќ: Секогаш сум заљубен. Морам да ти кажам дека јас за жал се уште не ги пишувам моите песни, и не знам колку ги имаш слушнато досега моите песни. Имам досега четири. Сите тие се со љубовна тематика. Јас бидејќи не ги пишувам, секогаш внимателно ги одбирам песните и секогаш тоа е некоја љубовна тематика… Како да ти објаснам, не знам за што и би пеел во овој момент… Јас искрено се обидов на моите соработници кои ми ги пишуваат песните малку да им го наметнам моето мислење, можеби имам влезено во оној период од животот кога би требало нешто малку поинаку…меѓутоа тие секогаш ми велат дека уште е рано, бидејќи нема никој да ти верува се уште изгледаш како дете (се смее).

Музика24: Која е твојата неостварена желба во животот?

Немања Радошевиќ: И понатаму ми е неостварена желба, всушност тоа не беше мој солистички концерт, но јас настапував пред многубројна публика. Можеби имаше 60-70.000 илјади публика. Тоа беше дочек реприза на Новата година, јас и мојот бенд бевме пред група на Лепа Брена. Имав прилика да ги отпеам моите песни и верувајте публиката многу убаво реагираше на сето тоа. Ги прифати моите песните што и секако мене ми е многу мило и многу важно Но да речеме дека моја неостварена желба е мој голем солистички концерт.

Музика24: Прв пат настапуваш во Македонија и вечерва ќе те запознае македонската публика. Дали си размислувал да снимиш песна на македонски јазик, или можеби некој дует со познат македонски пејач/пејачка?

Немања Радошевиќ: Јас сакав токму оваа песна која што ќе ја пејам вечерва да ја снимиме и на македонски, но за жал поради обврските не успеав да го направам тоа. Но да, зошто да не. На бродот каде што јас работев пеев песни на пет јазика, па зошто да не го научам и македонскиот. Малку повеќе вежбање, слушање и мислам дека тоа ќе биде вистинската работа. Веќе имам во глава дует за песна на македонски но тоа во следна прилика чисто да те изненадам, ако се случи. Подобро да не зборувам однапред… мислам дека Ана се вика девојката. Ни таа не знае, тоа е некоја моја желба, но подобро да не зборувам (се смее).

Музика24: Што после настапот на Охрид фест?

Немања Радошевиќ: Морам да ја искористам оваа прилика да најавам дека сум гост, поточно, учествувам на Фестивал во Крушево во чест на Тоше Проески кој што ќе се одржи на 20-ти септември. Јас имам чест и задоволство, покрај сите пејачи кои што ќе гостуваат од Македонија и Србија, да отпеам две негови преубави песни и премногу ми е драго поради тоа. Знаеш, нема личност што не го сакаше и не го слушаше и слуша Тоше. Јас во чест на Тоше ќе ги отпеам „Чија си“ и „Игри без граници“, песна која е страшно емотивна балада. Инаку, јас сум во процес на снимање на мојот студиски албум. Ќе видиме како ќе се снимаат песните со која брзина и динамика ќе се одвива тој процес. На песните работи тим и во оваа прилика ќе ги споменам Сара Милутиновиќ, Маре Милошевиќ, Дуле Алагиќ, Леонтина, Бане Опачиќ… тоа се луѓе кои ги имаат работено и ги работат моите песни, тоа се познати автори во Србија.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Фото: Охрид фест/Инстаграм

Видео: YouTube

Можеби ќе ве интересира: