Балканленд

„Тумба фест“ годинава во знакот на добрата и квалитетна хумористична песна (Фото)

Во организација на Здружението „Ризница“ од Куманово, на 29-ти август традиционално по 12-ти пат се одржа најновото фестивалско издание на „Тумба фест“ – единствениот фестивал во светот кој ги негува, промовира а со тоа и сочувува дијалектите како историско културно наследство.

И оваа година фестивалот се одржа на градскиот плоштад, во центарот на Куманово каде сите граѓани имаа можност да седнат и да уживаат во добрата, квалитетна и новосоздадена музика.

Познати музички имиња од македоската фолк сцена годинава се појавија на сцената на „Тумба фест“ меѓу кои ќе ги споменеме: Влатко Миладиновски, Нино Величковски, Благица Павловска, Лени Партикова, Лилјана Прнакова, Круме Спасовски… и многу други кои со своето учество направија ова фестивалско издание да се издвојува од изминатите, како по квалитетот на песната така и по одличните изведби кои оставија посебен белег. Годинава свое учество имаа и гости од Србија и Бугарија.

Беа изведени 19 нови хумористични песни, и беа испеани уште две песни од поранешните „Тумба фест“ фестивали – “Цел ноќ ти се к’лну Гинче” со дуетот Маргица Антевска и Ристо Краповски кои ги добија наградите за животно дело, како и “Ожени се сине” со Влатко Алексовски, како наградена за најпопуларна песна меѓу двата фестивала.

Песна која што може да ја издвоиме од овогодинешното фестивалско издание е “Со душа живот украси” во изведба на Ѓоко Ѓорчев и Јованка Јо. Песна која што доби најмногу поздрави, аплаузи и која едноставно се издвои од останатите. А тука ќе ги споменеме и “Љубел Петко многу жени” во изведба на Влатко Миладиновски, “К’д ќе дојдеш у Куманово” – Маргица Антевска, “После свадба тапани” во изведба на Лени Партикова, како и “Дојранска” во интересна и оргинална изведба на Љупчо Бубо Каров и “Трио Гранде плус”. Едноставно, фестивалот изобилуваше со интересни, певливи, хумористични рефрени кои ќе се паметат.

Пред одржувањето на фестивалот, во Занаетчискиот дом во Куманово беше промовирана книгата “Голем мераклија”, со повеќе од 50 текстови досега испеани на овој фестивал, од легендарниот радио водител од овој град Боби Петковски, а насловена според најславната песна од “Тумба фест”, која веќе е и обнародена

И годинава фестивалот се одржа во рамки на Кумановско културно лето, под покровителство на Градоначалникот Максим Димитриевски и Советот на Општина Куманово. А музичкиот портал Музика24 беше еден од медиумските покровители на овогодинешното 12-то фестивалско издание.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: